Бранителот на трофејот Новак Ѓоковиќ е првиот финалист на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен, откако во полуфиналето го совлада Роже Федерер со резултат 3-0 (7-6, 6-4, 6-3 по сетови), во меч што траеше два часа и 18 минути. Ова беше јубилејниот 50-ти дуел помеѓу Ѓоковиќ и Федерер, по кој српскиот тенисер ја зголеми разликата во победи на 27-23.
Ѓоковиќ ја продолжи фанатстичната низа на гранслем-турнирите кога противник му е Федерер. Последниот пораз од Швајцарецот, на некој од четирите најголеми турнири, Ѓоковиќ го претрпе во 2012 година, во полуфиналето на Вимблдон. Оттогаш Ѓоковиќ славеше во шест гранслем-пресметки против Федерер.
Ѓоковиќ лошо го започна мечот, но Федерер не успеа да го освои првиот сет, и покрај водството во гемови од 4-1 и 5-2. Шампионот успеа да избори тајбрејк, во кој беше подобар од големиот ривал.
Во вториот и во третиот сет на Ѓоковиќ му беше доволен по еден брејк за да стигне до максимална победа над Федерер.
Србинот по осми пат во кариерата ќе игра во финалето во Мелбурн, при што во претходните седум го освојуваше трофејот.
Противник во завршниот меч ќе му биде подобриот од пресметката помеѓу Доминик Тим и Александар Зверев.