Ѓоковиќ шести пат триумфира на Вимблдон и сега има 20 титули од најголемите четири турнири, колку што имаат и Федерер и Надал. На Ѓоковиќ му е потребна уште победа на турнирот во Њујорк за да стане вториот тенисер што ги освоил сите четири гранслем-турнири во една година
ТЕНИС – ПО ОСВОЈУВАЊЕТО НА 20-ОТ ГРАНСЛЕМ-ТРОФЕЈ
Новак Ѓоковиќ се израмни со Роже Федерер и со Рафаел Надал, освојувајќи ја 20-та титула од тениските гранслем-турнири што се играат во Мелбурн, Париз, Лондон и во Њујорк, по победата над Матео Беретини со 6-7, 6-4, 6-4, 6-3 во натпреварот за титулата на турнирот во Вимблдон. За Ѓоковиќ ова беше трет гранслем-трофеј годинава (победи и на Австралија опен и на Ролан Гарос), шести на тревните терени на Вимблдон (претходно победи во 2011, 2014, 2015, 2018 и во 2019 година). Поуспешни од него на овој турнир се само Федерер со осум трофеи и Вилијамс Реншоу и Пит Сампрас со по седум титули.
Ѓоковиќ е петтиот човек во историјата на тенисот, втор во т.н. опен ера (од 1968 година), по Род Лејвер во 1969 година, кој ги освоил првите три најголеми турнири во сезоната. На Ѓоковиќ му е потребна уште победа на турнирот во Њујорк годинава за да стане вториот тенисер што ги освоил сите четири гранслем-турнири во една година.
– Освојувањето на Вимблдон за мене беше најголемиот сон кога бев дете. Седумгодишно дете направи импровизиран пехар на Вимблдон и сега стојам тука со шест титули, што е неверојатно – изјави Ѓоковиќ.
Кога Ѓоковиќ (34) го освои првиот гранслем-турнир, на Австралија опен во 2008 година, Федерер, кој е речиси шест години постар, веќе имаше освоено 12 од 20-те трофеи. Во 2010 година, кога Федерер го освои 16-от трофеј, Ѓоковиќ уште беше со еден. А сега, Ѓоковиќ првпат ги достигна Федерер и Надал, кој, пак, се израмни со Швајцарецот лани со триумфот на Ролан Гарос.
– Морам да им оддадам почит на Роже и на Рафа. Тие се легенди на нашиот спорт и најголемите играчи против кои имам играно. Тие се причината зошто сум таму каде што сум денес. Тие ме натераа да сфатам што треба да направам за да напреднам психолошки, физички и тактички. Кога првпат влегов меѓу врвните 10, три или четири години, ги изгубив повеќето големи мечеви против овие момци и нешто се смени на крајот на 2010 година и почетокот на 2011 година. Изминатите 10 години беа неверојатно патување што не запира тука – вели Ѓоковиќ.
Честитки до Ѓоковиќ, меѓу другите, упатија и неговите најголеми ривали Федерер и Надал. Годинашниот Вимблдон ќе остане запишан во историјата на овој турнир и по тоа што првпат во машкото финале судеше жена, Хрватката Марија Чичак.
НАЈМНОГУ ГРАНСЛЕМ-ТИТУЛИ ВО ОПЕН ЕРА
Новак Ѓоковиќ 20
(Мелбурн 9, Ролан Гарос 2, Вимблдон 6, Њујорк 3)
Роже Федерер 20
(Мелбурн 6, Ролан Гарос 1, Вимблдон 8, Њујорк 5)
Рафаел Надал 20
(Мелбурн 1, Ролан Гарос 13, Вимблдон 2, Њујорк 4)
Пит Сампрас 14
(Мелбурн 2, Вимблдон 7, Њујорк 5)