Наградата за ферплеј во шахот, насловена „Светозар Глигориќ“, во чест на познатиот српски велемајстор, кој во 1950-тите и 1960-тите беше еден од најдобрите играчи во светот и кој многу ги почитуваше своите противници, ќе биде доделена во текот на 44. Шаховска олимпијада (ШО), која ќе се одржи во август годинава во Москва, а пријавите треба да стигнат најдоцна до 15 јули, беше речено на 90. Конгрес на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), кој е во тек во Абу Даби (195 делегати од 195 држави).
Наградата, која беше воспоставена во 2019 година, има цел да му се даде признание на шахистот што покажал примерно однесување, го промовирал духот на фер и спортско однесување една година наназад, а не е признание за доживотна кариера. Комисијата што одлучува кому ќе му припадне оваа награда ја сочинуваат Махир Мамедов, Јудит Полгар и Еугенио Торе.
Номинирањето ќе биде врз база на следниве критериуми: извонреден гест или акција на однесување за време на спортски настан, придонес во популаризацијата на вредностите и принципите на шахот, поддршка и промоција на иницијативи за спроведување високи етички вредности и стандарди, потоа праведност, почитување, пријателство, тимски дух, еднаквост, толеранција, колегијалност.