Александар Филипчев, првиот човек на Пливачкиот клуб (ПК) Делфин од Скопје, е избран за нов претседател на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) на денешното вонредно собрание на ПФМ или на Националната пливачка федерација (НПФ), како што ќе гласи новото име. За Филипчев беа претставниците на 12 пливачки клуба од Македонија, од вкупно 22 со право на глас.
На вонредното собрание беше разрешен досегашниот претседател Александар Маленко, поради, како што беше истакнато, манипулации со клубовите, суспендирање тренери, неподнесување финансиски извештај за работењето, нереализирани ветувања и сѐ уште невратениот долг, како и поради многуте нерегуларности на годишното собрание одржано во февруари годинава.
На вонредното собрание беше разрешен стариот и избран нов УО на ПФМ, или на НПФ, од седум члена, како и други тела што во наредниот период ќе се обидат да ги смират страстите и да најдат заеднички јазик со спротивставениот табор.
На Маленко му се забележува и дека од ноември 2018-та не одржал ниту еден состанок со УО, што севкупно резултирало со големо незадоволство.
Во меѓувреме беше формиран иницијативен одбор за свикување вонредно собрание, составен од претставници на клубовите-членки на ПФМ, но довчерашното раководство не било заинтересирано за такво нешто. Л.Д.