Швајцарскиот тенисер Роже Федерер застана во одбрана на собирачите на топки, откако минатата недела Шпанецот Фернандо Вердаско предизвика инцидент на турнирот во Шенжен.

Вердаско грубо се однесуваше и го критикуваше момчето кое наводно недоволно брзо му ја донесе крпата на паузата на натпреварот.
Шпанскиот тенисер нервозно гестикулираше додека ја чекаше крпата, а потоа почна да му вика на момчето. За ваквото однесување тој беше критикуван од јавноста, но и од колегите.
Федерер, кој оваа недела игра на Мастерсот во Шангај, истакна дека ја сфаќа нервозата на натпреварот и дека не сака да го критикува Вердаско, но дека собирачите на топки заслужуваат почит.
 

– Дефинитивно треба да се покаже почит кон самите собирачи на топки и одличната работа што ја вршат. Но, некогаш е тешко да се контролираат емоциите – истакна швајцарскит тенисер.

Федерер во младоста бил собирач на топки и истакна дека девојчињата и момчињата кои ја извршуваат оваа работа го разбираат притисокот под кој играат тенисерите, но дека најважно за нив е да стекнат позитивно искуство на турнирите.

 

– Собирачите на топки се исклучително важни, бидејќи тие се иднината на нашиот спорт. Како дете бев среќен по завршувањето на турнирот и си мислев дека тоа е одлично искуство. Немаше ништо негативно, така да не сакаме да помислат дека не се доволно ценети или дека на некому не му се допаднале или пак дека им е ужасно. За ова треба да се размислува – истакна Федерер.

Тој е слободен во првото коло на Мастерсот во Шангај, а во второто коло ќе се соочи со Данил Медведев од Русија.