Местото на одржување и датумите ќе ги одобри ФИДЕ два месеца пред продолжението на турнирот, кој поради пандемијата на ковид-19 беше прекинат во март, а чие продолжение беше закажано за 1 ноември

ШАХ

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) повторно е принудена да го одложи продолжението на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, сега до пролетта в година. Продолжението претходно беше закажано за 1 ноември. Главната причина за презакажувањето, секако, е загриженоста за здравјето на учесниците на турнирот во екот на пандемијата на ковид-19. ФИДЕ беше подготвена да обезбеди специјални аранжмани за патувања и за престој, чартер-летови и хотел од висока класа изолиран од преостанатата средина.
– Разговаравме за сите детали со секој од шахистите и сакаме да им се заблагодариме за искрените мислења, кои ни помогнаа да ги измериме сите добри и лоши страни. Досега не добивме согласност за учество од сите играчи на турнирот. Двајца од една земја чекаат дозвола од нивните национални власти. ФИДЕ ќе донесе понатамошни одлуки и за локацијата и за времето на настанот, засновано врз внатрешните правила на нашата организација. Разбираме дека оваа одлука може да биде разочарување за шаховската заедница, но, сепак, одговорност на ФИДЕ е да обезбеди не само безбедност на играчите туку и најдобри можни услови за текот на ваков настан – пишува, меѓу другото, во соопштението на ФИДЕ за овој настан.

Местото на одржување и датумите ќе ги одобри ФИДЕ два месеца пред продолжението. Турнирот, кој почна во рускиот град Екатеринбург, беше прекинат при крајот на март поради ковид-19. Табелата до прекинот, по 7-то коло (од предвидените 14), беше следната: Максим Вашер-Лаграв (2.767 рејтинг-поени) и Јан Непомнијашчи (2.774) по 4,5 поени, Фабијано Каруана (2.842), Аниш Гири (2.763), Хао Ванг (2.762) и Александар Гришчук (2.777) по 3,5; Динг Лирен (2.802) и Кирил Алексенко (2.698) по 2,5.