ФИДЕ реши првите сто федерации на светската рејтинг-листа за декември 2020 година (Македонија моментно е 50-та) да номинираат еден шахист по сопствен избор за настап на Светското првенство, покрај веќе квалификуваните шахисти по друга основа. Побаравме мислење од наши истакнати шаховски работници и играчи за тоа како да се избере играчот што ќе настапи меѓу вкупно 206-те учесници
КАКО ДА СЕ ИЗБЕРЕ ШАХИСТ ЗА НАСТАП НА СП
По одлуката на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), првите сто федерации на светската рејтинг-листа за декември 2020 година (Македонија моментно е 50-та) да номинираат еден шахист по сопствен избор за настап на Светското првенство (СП), покрај веќе квалификуваните шахисти по друга основа, побаравме мислење од наши истакнати шаховски работници и играчи за тоа како да се избере играчот што ќе настапи меѓу вкупно 206-те учесници.
– Идејата на ФИДЕ е за поздравување. Државно затворено првенство би било најадекватно. Сепак, лично би сакал на СП да оди шахист со вајлд-карта и тоа да биде некој од нашите надежни млади таленти, каде што, патем, и би стекнал искуство во една таква силна конкуренција – вели претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Благоја Богоевски.
Досега за Македонија на СП играле ВМ Кирил Георгиев во 2004-та и ВМ Владимир Георгиев во 2007 година. И двајцата беа поразени во 1-то коло, Кирил од Александар Војткиевич (0,5-1,5), а Владимир од Бартош Сошко (0-2).
– Немам идеја како е најдобро, но секако не преку интернет. Логично е да има шампионат во живо, но подготвен сум да играм ако ШФМ реши директно да ми даде место. На СП имам играно само еднаш под македонското знаме, и тоа во Триполи. Имам настапи и во 1997, 1999, 2001 и во 2007 година, а најдобар пласман двапати ми е делба на 9.-16. место, кога стигнав до четвртиот круг – вели првата табла на македонската репрезентација Кирил Георгиев.
Категоричен по ова прашање е ВМ Трајко Недев.
– Турнир по Бергеров систем е најдобро решение, а сѐ друго би било погрешно и со право дава можност за незадоволство, оти секој треба да има шанса да се пласира преку класичен шах. Тоа со најдобрите на ранг-листа или онлајн квалификации, за мене би биле погрешни одлуки – вели Недев.
Младиот репрезентативец ИМ Никола Николовски има свое мислење.
– Идејата на ФИДЕ е добра, оти им се дава шанса на повеќемина да играат. А кој би бил избран, мислам најдобро би било да има првенство на Македонија. Ако поради некоја причина не може да се одржи, би требало да се избере млад и перспективен шахист, кој континуирано напредува – вели Николовски.
Роландо Кутиров им дава предност на младите шахисти.
– Давам предност на тримеч со по четири партии секој со секого. На тој начин и интересот кај младите ќе се зголеми. Тој што би играл на СП, можеби ништо нема да стори, но барем ќе стекне големо искуство – смета Кутиров.