Задоволен сум од прикажаната игра и од тоа што турнирот го завршив без пораз. Сега се насочувам кон СК, ни изјави Георгиев пред турнирот во Сочи, од кој финалистите ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите во 2022 година за предизвикувач на светскиот првак
ШАХ
Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (2.594 рејтинг-поени), моментно 265-ти играч во светот, е македонскиот претставник на Светскиот куп (СК) во шах во Сочи, Русија (од 10 јули до 8 август), по нокаут-систем. Финалистите во машка и трите најдобри шахистки ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите во 2022 година за предизвикувачи на светските прваци. Во Сочи треба да настапат 206 шахисти и 103 шахистки, досега најмногу (порано играа 128 во машка и 64 во женска конкуренција).
Георгиев е во добра форма пред СК, а добар показател е и победата на затворениот велемајсторски турнир во Милус, Франција. Во конкуренција на десет шахисти од пет држави, Георгиев убедливо победи со 6,5 поени (четири победи, пет ремија) и освои 5,11 рејтинг-поени (моментен рејтинг од 2.599 поени). Второто место му припадна на германскиот ВМ Михаел Прускин (рејтинг 2.547) со пет поени, колку што имаше и третопласираниот интернационален мајстор (ИМ) од Швајцарија Оливер Курман (рејтинг 2.424).
– Ова за мене беше прва победа во класичен шах по 20 месеци и јас сум задоволен од прикажаната игра, како и од фактот што турнирот го завршив без пораз. Сега се насочувам кон СК во Сочи – ни изјави Георгиев.
Актуелниот светски првак, Магнус Карлсен, турнирот во СК ќе го почне од вториот круг. Секој дуел се состои од по две партии, а ако биде нерешено, ќе се играат дополнителни партии со забрзано темпо на размислување. Македонија стекна право да има претставник на СК откако Светската шаховска федерација избра 100 федерации што можеа да номинираат шахист по сопствен избор.