Првпат во историјата на ЛОИ, Јапонците ќе ја користат технологијата „неофејс“, преку која од 40 различни места ќе ги следат сите акредитирани лица
Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио заради што поголема безбедност на спортските борилишта и околу нив најавуваат воведување систем за препознавање лица на сите акредитирани личности што ќе бидат дел од Игрите.
Првпат во историјата на ЛОИ Јапонците ќе ја користат технологијата „неофејс“, преку која од 40 различни места ќе ги следат сите акредитирани лица, вклучувајќи ги спортистите, официјалните лица, техничкиот персонал и новинарите. „Неофејс“ е развиен од компанијата НЕЦ, која тврди дека оваа технологија за биометриска идентификација веќе се користи на аеродромите и на други места во 70 земји, вклучувајќи ја и Јапонија.
Јапонците веруваат дека со тој систем ефикасно ќе се спречат каква било злоупотреба и користење фалсификувани документи, дека ќе се намалат задушеноста на линиите за акредитации и долгото чекање, ќе се намалат нервозата и стресните ситуации на топлото време.
Извршниот директор за безбедност на Токио 2020, Цујиши Ивашита, рече дека ќе многу тешко да се постигне високо ниво на безбедност на спортските борилишта надвор од главниот град.
– Со воведувањето на системот за препознавање лица, се надеваме дека ќе постигнеме повисоко ниво на безбедност, ефикасност и непречено функционирање на безбедносните проверки пред влезовите – рече тој.
Ивашита вели дека при тестовите за препознавање лица направени минатата година темпото на движење било побрзо отколку при користењето на конвенционалните системи со користење Х-зраци што го применуваат безбедносните лица од кабините.
Фотографиите на лицата на сите акредитирани за ЛОИ 2020 ќе бидат собирани откако ќе биде завршен процесот на одобрување и потоа ќе бидат уфрлени во базата на податоци. Проверката на идентитетот ќе се врши на контролните точки за акредитирање.
Оваа технологија на НЕЦ нема да ги опфаќа посетителите во салите и на стадионите, но некои активисти за заштита на човековите права предупредуваат дека со самото тоа што е опфатена поголема група луѓе (над 20.000), кои треба да се подложат на техниките за препознавање лица, им се загрозува приватноста.
Таквите активисти се изјаснија и против примената на таа технологија на јавни места, а изразија и загриженост заради складирањето и задржувањето на фотографиите, кои би можеле да се злоупотребат.
Зголемената употреба на автоматско препознавање лица од британските полицајци ги поттикна „Слобода и Големиот брат ве гледа“ да започнат со првите законски мерки против употребата на таа технологија во Велика Британија. Таа загриженост тие ја поткрепуваат со многубројни докази, од кои се гледа дека таа технологија не е секогаш успешна.
Но од НЕЦ велат дека речиси нема грешка за утврдување на идентитетот кога лицето стои пред скенерот.
– Точноста е 99,7 отсто и оваа бројка нема да се менува според националноста или, пак, ако лицето е големо или мало – истакнува заменик-претседателот Масааки Суанума.