Британецот Луис Хамилтон (33), возачот на Мерцедес, победи на Формула 1 (Ф1) трката за Големата награда (ГН) на Русија во Сочи откако неговиот клупски колега, Финецот Валтери Ботас доби наредба од тимот да му дозволи да го претекне. На победничкиот подиум Хамилтон доби честитки и од претседателот на Русија, Владимир Путин.
– Не беше лесно, Валтери возеше фантастично во текот на целиот викенд, но беше вистински господин и ми дозволи да го претекнам, бидејќи не се бори за титулата. Можам да разберам колку му е тешко за Валтери, бидејќи тој заслужи да победи – изјави по трката Хамилтон, кој атакува на петтата титула светски првак.
Како трет на победничкиот подиум се искачи Германецот Себастијан Фетел, возачот на Ферари.
По осмиот триумф сезонава, најконтроверзен од сите, вкупно 70-ти во кариерата, Хамилтон има 306 бода. Тој сега има 50 бода повеќе од Фетел, кој беше трет во Сочи, на пет трки до крајот на шампионатот. Трет е Ботас, со 189 поени. Л.Д.