АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Басино и Кавизел најбрзи во трки со обилни врнежи од снег
Италијанска скијачка ѕвезда Марта Басино го освои вториот велеслалом сезонава во Светскиот куп (СК) во алпско скијање за жени, во саботата во Куршевел (Франција), а водечката во генералниот пласман, Петра Влхова од Словачка, по трите победи во низа во СК, петти пат сезонава се искачи на подиумот, сега на третото место.
Трката се одвиваше под обилни врнежи од снег и во двете возења, со слаба видливост, пишува Светската скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. На второто место се пласира Сара Хектор (Шведска), што е нејзин трет подиум во кариерата, по шест години отсуство од првите скалила на рангирањето. Влхова води во вкупниот пласман со 420 поени, 162 поени повеќе од Басино и 213 од Мишел Гисин (Швајцарија). Вчера се возеше уште еден велеслалом во францускиот скијачки центар.
И првиот супервелеслалом сезонава во машка конкуренција во СК, во Вал д’Изер (Франција) се одвиваше под постојани врнежи од снег, а најбрз беше Мауро Кавизел. Швајцарскиот ас на брзините ја оствари првата победа на СК. Тој заврши меѓу најдобрите пет во секоја од претходните седум трки во супервелеслалом.
Кавизел не беше единствениот што имаше прв успех. Адријан Смисет Сејерстед (Норвешка) и Кристијан Валдер (Австрија), кои се пласираа веднаш по Швајцарецот, на второто, односно на третото место, првпат се меѓу најдобрите тројца во трка од СК. Вчера во Вал д’Изер на програмата беше првиот спуст сезонава. Во генерален пласман со 276 бода води Алексис Пинтуро (Франција), кој беше седми во супервелеслаломот.
ФУДБАЛ
Трето реми без голови на претходните 11 меча во манчестерското дерби
Здодевен и неквалитетен, такви се оцените на стручните коментатори во Англија за дерби-дуелот Манчестер јунајтед – Манчестер сити (0-0) во англиската фудбалска Премиер-лига. Тоа беше петто реми без голови помеѓу манчестерските ривали на 47 средби во Премиер-лигата, од кои три на претходните 11 меча.
Јунајтед не успеа да постигне гол на три натпревари на домашен терен сезонава, еден повеќе отколку во целата ланска сезона. Но менаџерот Оле Гунар Солскјер изјави дека тоа е „најдобрата игра досега во шампионатот“ на неговиот тим, што значи дека е задоволен со освоениот бод, по елиминацијата од Лигата на шампионите (ЛШ).
Сити и на шестиот меч во низа, од поразот од Тотенхем во ноември, не прими гол, што е показател дека до неодамна порозната одбрана, во која на позицијата центархалф на местото на Емерик Лапорт беше Џон Стоунс, е консолидирана. Нападот на Сити упати само два удара на голот на Јунајтед. Ефикасноста првпат се појавува како проблем за Пеп Гвардиола и за Сити, кој во минатите три сезони во просек постигнуваше по 101 гол. Сезонава на 11-те натпревари Сити постигна 17 гола. Л.Д.
Реал му го нанесе првиот пораз на Атлетико
Во шпанското мадридско дерби, актуелниот фудбалски првак Реал му го нанесе првиот пораз на Атлетико сезонава во Ла лига, победувајќи го со 2-0. Пред овој натпревар Атлетико беше во серија од седум победи во низа и со само два примени гола на првите 10 натпревари.
За Атлетико ова беше и прв пораз по 26 првенствени меча, од 1 февруари, по што остана на 26-те бода, еден повеќе од Сосиедад, кој синоќа играше со Еибар, односно три повеќе од Реал, кој полека се враќа во форма. Атлетико не упати ниту еден удар на голот на Реал до 80-та минута.
– Не го почнавме добро натпреварот, тие имаа подобра контрола на играта, ја имаа топката повеќе во свој посед, беа подобро позиционирани, беа посупериорни. Треба да научиме некои важни работи од поразот, сигурно и јас како тренер ќе морам да се подобрам – изјави тренерот на Атлетико, Диего Симеоне. Л.Д.
ШАХ
Богоевски: ЕКК останува во Охрид во 2021 година
Претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Благоја Богоевски, потврди дека Европскиот клупски куп (ЕКК) во машка конкуренција останува да се одржи идната година во Македонија, како што беше предвидено и од порано.
– ЕКК останува да се одржи во Македонија, во Охрид, во декември 2021 година. Во неодамнешниот телефонскиот разговор со претседателот на Европската шаховска унија и член на бордот на Светската шаховска федерација, Грузиецот Зураб Азмајпарашвили, тој се интересираше и по ова прашање. Секако, му одговорив позитивно – ни изјави Богоевски.
Македонија третпат ќе биде домаќин на вакво силно натпреварување, на кое настапуваат врвни велемајстори. Првиот пат се играше во Охрид пред 11 години, а вториот пат во Скопје, во 2015 година. И двете беа во машка и во женска конкуренција.
– Македонија може да има две екипи како домаќин, а евентуално најмногу три. За некое големо шаховско име, гостин или некој да одигра симултанка засега уште е рано да се зборува, а и ситуацијава со вирусот е таква што никој не може да гарантира дека со сигурност ќе дојде. Но идното лето, секако, ќе се разговара и за ова прашање – вели Богоевски. Г.И.