ФУДБАЛ

Меси сезонава постигнуваголови само од пенал

Барселона не одигра на високо ниво, но успеа да ја прокнижи третата победа во групата од фудбалската Лига на шампионите сезонава, овој пат со 2-1 над Динамо Киев, кој пристигна десеткуван на „Ноу камп“ без шестмина стандардни првотимци позитивни на ковид-19. На голот на украинскиот тим се најде 18-годишниот дебитант Руслан Нешчерет, кој беше прогласен за најдобар на натпреварот. Неговиот колега од спротивниот табор, Марк-Андре тер Штеген, исто така, беше на нивото на задачата поради што во украинските медиуми мечот го нарекоа „дуел меѓу двата голмана“.
Лионел Меси (33) постигна гол, трет на трите меча во ЛШ сезонава, сите од пенал, претходно против Ференцварош и против Јувентус. Сезонава тој не постигна гол од игра (има еден гол и со Вилјареал, од пенал) иако ги има одиграно сите натпревари за Барселона, во Ла лига и во ЛШ. Л.Д.


Вернер по стапките на Матеус

Челси го совлада Рен со 3-0, а Тимо Вернер стана првиот Германец што постигнува два гола од пенал на натпревар од Лигата на шампионите, порано Куп на европските шампиони, по Лотар Матеус, за Баерн против Реал Мадрид во април 1987 година. Вернер беше вклучен во 13 погодоци (10 гола, три асистенции) на претходните 14 натпревари во ЛШ. Последните пет гола тој ги постигна од белата точка. Челси е во серија од 10 меча без пораз во сите натпреварувања, а на претходните пет средби нема примено гол, првпат по 2010 година. Л.Д.


ТЕНИС

Надал стана четвртиот играч со 1.000 победи на АТП-турнејата

Шпанецот Рафаел Надал стана четвртиот тенисер што забележал 1.000 победи на АТП-турнејата, со триумфот над сонародникот Фелисијано Лопез во три сета на мастерс-турнирот од серијата 1.000, што неделава се игра во Париз (Франција), пишува „Би-би-си“. На оваа листа води Американската легенда Џими Конорс со 1.274 победи, а го следат Роже Федерер од Швајцарија со 1.242 и чешкиот великан Иван Лендл со 1.068 триумфи во кариерата на АТП-турнејата.