ШАХ
На 1 ноември продолжува Турнирот на кандидатите за светски првак

Турнирот на кандидатите за светски шаховски првак ќе продолжи со осмото коло на 1 ноември годинава во Екатеринбург (Русија), таму каде што и почна, а како резервен град назначен е Тбилиси (Грузија), објави Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Победникот ќе му биде предизвикувач на актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен.
Турнирот на кандидатите, на кој играат осум шахисти, почна на 15 март годинава, се играше без присуство на публика, а играчите, судиите и службените лица беа тестирани двапати дневно на ковид-19.
– Здравствените и безбедносните мерки беа многу слични на оние што се применуваат на тенискиот турнир САД опен и на други спортски настани, но во тоа време, сево ова беше неиспитана територија – вели претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, пренесува интернет-страницата „Чес-бејс“.

Бидејќи половина од турнирот е изминат, правилата велат дека постигнатите поени остануваат да важат.
– Циклусот за светски првак е една од најстарите спортски традиции во светот, а должност на ФИДЕ е да го заштити и да обезбеди негов континуитет. Свесни сме дека милиони љубители со нетрпение очекуваат пак да ги видат најдобрите шахисти на планетата и затоа не штедевме напори да го направиме можно сето тоа и покрај предизвикувачките околности. Како што нагласивме и порано, турнирот ќе продолжи само кога ќе се смета дека е безбеден – пишува на интернет-страницата на ФИДЕ.
Табела по седум партии: Максим Вашер-Лаграв и Јан Непомнијашчи по 4,5 поени, Фабијано Каруана, Аниш Гири, Хао Ванг, Александар Гришчук по 3,5, Динг Лирен и Кирил Алексенко по 2,5 поени. Г.И.


ТЕНИС – САД ОПЕН
Вилијамс и Азаренка ќе играат за место во финалето

Американската тенисерка Серена Вилијамс (39) 13-ти пат во кариерата се пласира во полуфиналето на гранслем-турнирот САД опен во Њујорк, откако во четврт-финалето ја победи Цветана Пиронкова од Бугарија, со 4-6, 6-3, 6-2 во сетови. Моментно осмата тенисерка во светот и трета носителка на турнирот е во трка за 24-от гранслем-трофеј во кариерата, со што би се израмнила со рекордерката Маргарет Корт (Австралија).
Во денешното полуфинале нејзина противничка ќе биде 27-та тенисерка на ВТА-листата, Белорусинката Викторија Азаренка, која со 6-1 и 6-0 во сетови славеше на дуелот со 18-то рангираната Белгијка Елис Мертенс. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Американката Џенифер Бреди (28. носителка) и Јапонката Наоми Осака (четврта).
На турнирот за мажи, пак, во денешните дуели за место во финалето на САД опен ќе играат Данил Медведев (Русија, трет носител) – Доминик Тим (Австрија, втор) и Пабло Карено Буста (Шпанија, 20-ти) – Александар Зверев (Германија, петти). Та.Д.


ФУДБАЛ
Инфантино: Здравјето мора да биде прв приоритет што и да правиме

Здравјето мора да биде прв приоритет што и да правиме. Моментот кога луѓето ќе се вратат на стадионите, со протоколи за заштита, со здравствени концепти, ќе биде моментот кога ќе знаеме дека е можно да го сториме тоа без да го загрозиме здравјето на луѓето. Дискусиите треба постојано да траат и ќе мора да следиме како се развиваат работите низ Европа и низ целиот свет, но сакаме да почнеме со враќање на гледачите на стадионите. Но секогаш и само кога тоа го дозволува здравјето, изјави претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, пренесе официјалната интернет-страница на ФИФА.