Русија ја плати казната од Светската атлетика од 6,3 милиони долари
Руската атлетска федерација (РУСАФ) ја плати казната од Светската атлетика од 6,3 милиони долари за да не биде исфрлена од таа организација. РУСАФ имаше рок до сабота да плати пет милиони долари казна поради кршење на антидопинг-правилата и уште 1,3 милион долари за трошоци направени во врска со истрагата, програмата на контрола и слично, откако беше пропуштен првиот рок да го стори тоа на 1 јули. Средствата ги обезбеди руското министерство за спорт, откако РУСАФ соопшти дека не може да собере толку пари.
Откако Русија не ја плати казната во првиот рок, Светската атлетика ја замрзна дозволата на руските атлетичари да се натпреваруваат како неутрални спортисти на меѓународните настани, додека парите не се уплатат, а РУСАФ не го претстави планот на антидопинг-реформите. Новиот датум, пак, за тој план е 31 август. РУСАФ е суспендирана од 2015 година.
Откажано СП во велосипедизам
Годинашното Светско првенство (СП) во велосипедизам, кое требаше да се одржи од 20 до 27 септември во швајцарскиот град Егл, каде што всушност и се наоѓа седиштето на Светската велосипедска унија (УЦИ), е откажано, откако швајцарските власти ја продолжија до 1 октомври забраната за собирање на повеќе од 1.000 луѓе. Причина за ваквата одлука е зголемувањето на бројот на заболени од ковид-19 во Швајцарија.
– Со оглед на забраната за собирање на повеќе од 1.000 луѓе, одржувањето на СП во велосипедизам едноставно беше невозможно да се одржи во предвидениот термин – објавија организаторите во соопштението лиферувано до јавноста.