Спортски вести

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Втори победи на Велески и на Михов

Две победи и четири пораза остварија македонските шахисти во петтото коло на 22. Европско првенство (ЕП) во Брежице, Словенија. По втор цел поен впишаа Филип Михов (2.255 рејтинг-поени), на дуелот со Украинецот Артјом Лутско (2.390), и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Роберт Велески (2.136), на мечот со Словенецот Маркус Златанович (1.680). Втор пораз претрпеа најдобриот македонски шахист, ВМ Кирил Георгиев (рејтинг 2.564), од израелскиот интернационален мајстор (ИМ) Јаир Пархов (2.450), и ФМ Емил Ристески, (2.374) од рускиот ВМ Арсениј Нестеров (2.522). Антон Златков (2.081) загуби од Словенката, ЖИМ Зала Урх (2.307), а Хедон Мифтари (1.987) од италијанскиот ИМ Анџело Дамиа (2.223).
На шест кола до крајот на ЕП 2022, Георгиев и Михов имаат по 2,5 поени и го делат 127-189 место, Ристески и Велески со по два поена се на делба на 190-254 место, Златков со 1,5 поен е на делба на 255-282 место и Мифтари со еден поен го дели 283-289 место, во конкуренција на 317 шахисти (114 велемајстори) од 40 држави. Во водство се петмина шахисти, со по 4,5 поени. Г.И.


ФУДБАЛ – ОД ИДНАТА СЕЗОНА

По пет измени и во Премиер-лигата

Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига се договорија да има по пет замени на играчи на натпревар во сезоната 2022/2023. Замените ќе може да се направат во три наврати во текот на натпреварот, плус на полувремето, а тимовите ќе можат да имаат на располагање по девет резервни фудбалери. По пет замени беа дозволени во мај 2020 година, по прекинот на лигата поради пандемијата на ковид-19, но потоа клубовите гласаа против продолжување на тоа правило за сезоната 2020/2021. Премиер-лигата беше единственото големо натпреварување во Европа во кое немаше по пет туку по три замени, бидејќи некои клубови сметаа оти тоа им оди во прилог на тимовите со поголем фонд на фудбалери. На состанокот на акционерите на 20-те клуба од Премиер-лигата беше потврдено дека летниот преоден рок ќе почне на 10 јуни и ќе трае до 1 септември, во согласност со другите европски лиги. Л.Д.


ФУДБАЛ

Халилхоџиќ прв селектор што со четири репрезентации се пласирал на СП

Репрезентацијата на Мароко се пласира на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар годинава под водство на Вахид Халилхоџиќ (БиХ), кој си обезбеди место во фудбалската историја. Тој стана првиот селектор што преку квалификации со четири различни селекции се пласирал на СП, претходно со Брегот на Слоновата Коска за СП во 2010 година, со Алжир за СП 2014 и со Јапонија за СП 2018.
Халилхоџиќ (69) настапуваше за Вележ од Мостар, како и за репрезентацијата на поранешна СФР Југославија, по што играчката кариера ја продолжи во Франција, во Нант и во ПСЖ. Беше тренер на ПСЖ, со кој во 2004 година го освои Купот на Франција, потоа на Лил, Рен, Динамо Загреб, Трабзонспор итн.
Бразилецот Карлос Алберто Пареира предводел пет репрезентации на шест светски шампионати, и тоа Кувајт на СП во 1982 година, Обединетите Арапски Емирати на СП 1990, Бразил на СП 1994 и 2006, Саудиска Арабија на СП 1998 и Јужна Африка на СП 2010. Србинот Бора Милутиновиќ, пак, бил со пет репрезентации на мундијалите, и тоа со Мексико (во 1986 година), Костарика (1990), САД (1994), Нигерија (1998) и со Кина (2002 година), но во два наврата, со репрезентациите на Мексико и на САД, со селекции домаќини на тоа СП. Л.Д.