БУНДЕС-ЛИГА
Ванер е најмладиот фудбалер што настапил за Баерн

На возраст од само 16 години и 15 дена, Паул Ванер се запиша во книгата на рекорди на Баерн, станувајќи најмладиот фудбалер што настапувал за Баварците во Бундес-лигата. Ванер, кој е роден на 23 декември 2005 година, го замени Марк Рока во 75. минута, на средбата на домашен терен против Борусија Менхенгладбах (1-2), во 18. коло.
Никој пред Ванер не заиграл на официјален натпревар за Баерн на 16- годишна возраст. Со тоа тој го собори за повеќе од една година стариот рекорд што го држеше Џамал Мусиала, кој имаше 17 години и 115 дена на дебито за Баерн во германската Бундес-лига на мечот со Фрајбург, во 33-то коло од сезоната 2019/2020.
Ванер сега е вториот најмлад играч што некогаш настапил на натпревар во Бундес-лигата. Рекордер е Јусуфа Мукоко од Борусија Дортмунд, кој на мечот против Херта Берлин во ноември 2020 година, кога дебитира во најсилната лига, имаше 16 години и еден ден. Л.Д.


ФУДБАЛ
Конте му нуди на Ериксен можност за тренинг во Тотенхем

Менаџерот Антонио Конте вели дека „вратата е секогаш отворена“ за Кристијан Ериксен да тренира во Тотенхем додека го брка својот сон да игра на Светското првенство во 2022 година, објави „Би-би-си“. Ериксен (29) доживеа срцев удар додека играше на Европското првенство во минатата година во јуни.
Тој бара нов клуб откако го напушти Интер, бидејќи правилата значеа дека тој повеќе не може да игра во Серија А. Конте го ангажира Ериксен од Тотенхем додека беше во Интер. Ериксен му помогна на Конте да ја освои титулата во Серија А во минатата сезона, но повеќе не беше во можност да го претставува клубот откако играч со имплантиран кардиовертер дефибрилатор (ИЦД), кој му беше потребен по неговиот колапс, не може да се натпреварува во Серија А, пишува „Би-би-си“.
Ериксен изјави дека се чувствува „вратен во врвна форма“, со цел да игра за Данска на Светското првенство во Катар годинава. Запрашан дали Ериксен може да тренира со Тотенхем, Конте рече: „Сигурно, беше одлично да го видам на теренот, да видам дека шутира топка. Тоа што се случи летово не беше добро, не беше добро за луѓето што работеа со него и за луѓето што го познаваат. И сега, да го видиме повторно подготвен да игра фудбал е одлична вест. Мислам дека за Кристијан вратата е секогаш отворена


Триумф и на домашен терен на убедливиот лидер Одермат

Швајцарската „ракета“ Марко Одермат победи на домашниот велеслалом во Светскиот куп во алпско скијање за мажи во Аделбоден, откако претходно победи на три од четирите велеслаломски трки сезонава, а кога не победи, се пласира на второто место, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Тој победи со вкупно 48 стотинки предност пред второпласираниот, Австриецот Мануел Фелер. Одермат ја зголеми предноста на врвот во Светскиот куп сезонава, сега со 845 поени, втор е Александер Омот Килде од Норвешка со 469, трет е Матијас Маер од Австрија со 447 поени итн. Светскиот куп за мажи продолжи вчера со слаломската трка.


АТЛЕТИКА
Ратификувани првите светски рекорди на 50 км

Резултатите на 50 километри постигнати од Дезире Линден, Кетема Негаса и Ирвет ван Зил во 2021 година се ратификувани како инаугуративни светски рекорди на 50 километри, пишува Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница. Со оглед на зголемената популарност на друмските трки од 50 километри, одлуката да се додаде оваа дисциплина на списокот на настани за кои се признаваат светски рекорди беше донесена на 225-от состанок на Светскиот атлетски совет во Токио, во јули лани. Како резултат на тоа, времето од 2:42,07 часа од Негаса од Етиопија во конкуренција на мажи, 3:04,24 часа од Ван Зил (Јужна Африка) во женска конкуренција, остварени во Порт Елизабет во мај, како и времето од 2:59,54 часа на Американката Линден во мешана трка во Орегон во април, се ратификувани како светски рекорди на 50 километри, пишува СА.


ФУДБАЛ
И Блатер е против позачестено СП

Поранешниот претседател на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Сеп Блатер, се изјасни против идејата за одржување светски првенства (СП) на две години, пишува весникот „Индепендент“.
„Во врска со светско првенство што би се одржувало на две години, не смееме да заборавиме дека основата на нашата игра се клубовите и нивното влијание врз општеството. Ако играат само репрезентации, клубовите го губат правото на постоење, затоа јасно НЕ за двегодишниот ритам на светско првенство“, напиша на Твитер Блатер (85), првиот човек на ФИФА од 1998 до 2015 година.
Актуелниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино, и шефот за глобален фудбалски развој, Арсен Венгер, кои се залагаат за СП на две години, на виртуелниот глобален самит минатиот месец, на претставниците на земјите-членки им кажаа дека позачестено СП ќе значи зголемени приходи за четири милијарди евра. Л.Д