ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ

Висока победа на Македонија

Македонската шаховска репрезентација (1.871 рејтинг-поени, рангирана на 12-то место пред турнирот) ја впиша и втората победа на 16-та Шаховска олимпијада (ШО) за слепи и слабовидни играчи во Грција. Во 4-то коло, македонските шахисти убедливо ја совладаа Хрватска (1.858, рангирана на 13-то место) со 3,5-0,5. Жарко Селковски (1.994 рејтинг-поени), на првата табла продолжува со одличната игра и ја забележа својата трета победа, овој пат со црни фигури над Хинко Цајзлер (2.108), Зоран Костадиновски (1.928) ремизира со Бранко Беган (1.842), Блаже Атанасовски (1.794) освои цел поен против Мишо Чуљак (1.671), а Трајче Димов (1.766) против Ловро Пергар (1.507). Во 5-то коло од предвидените девет, Македонија вчера играше со Бугарија, која пред ШО беше рангирана на 18-то место, со просечен рејтинг на шахистите од 1.858 поени. На ШО играат 22 репрезентации со вкупно 109 шахисти, Македонија по четири кола е 14-та со четири бода (7,5 поени по табли). Русија, која во дербито на колото ја совлада Полска со 4-0, води со максимални осум бода. Г.И.


ТЕНИС

Ѓорческа полуфиналистка на турнирот во Севилја

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа се пласира во полуфиналето на тенискиот турнир во Севилја, откако во четврт-финалето, по голема борба, за два часа и седум минути ја победи четвртата носителка, Исабела Шиникова од Бугарија, со 4-6, 6-3, 6-3. За пласман во финалето, Ѓорческа ќе игра денеска со подобрата од дуелот Тена Лукас – Елина Аванесјан. Ѓорческа претходно забележа победи над шпанската тенисерка Алба Реј Гарсија, со 15-13, 6-2, а во осминафиналето осмата носителка, Италијанката Мартина Ди Џузепе, со 6-1, 4-6, 6-1. Ѓорческа заедно со хрватската тенисерка Лукас се пласира и во полуфиналето во двојки на истиот турнир, а за пласман во финалето играа вчера доцна попладне. Г.И.


ФУДБАЛ

Трето најефикасно коло во историјата на ЛШ

Повторно дожд од голови во фудбалската Лига на шампионите. Во третата рунда натпревари по групи сезонава, на 16-те натпревари, во вторникот (35) и во средата (24), беа постигнати вкупно 59 гола, што е втор ваков ефект, по сезоната 2014/2015, исто така во третото коло. Најмногу голови, 63, беа постигнати во првото коло во сезоната 2000/2001, а еден помалку, 62, лани во третата рунда, објави Европската фудбалска унија. Во сезоната 2012/2013 во четвртото коло беа постигнати 58 гола, а во сезоната 1999/2000, исто така во четвртата рунда, „паднаа“ 57 гола. Најмногу голови во една вечер, 40, беа постигнати на 21 октомври 2014 година. Л.Д.