Селекторот Ашаданов повика 24 кошаркарки за квалификациите за ЕП

Новиот селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија, Александар Ашаданов, го објави поширокиот список од 24 кошаркарки на кои ќе смета за ноемврискиот дел од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2023 година, во Словенија и во Израел. Почетокот на подготовките е закажан за 4 ноември. Првиот натпревар од квалификациите за ЕП, Македонија ќе го игра на гости, со Германија, на 11 ноември, во Хале, а вториот дуел е во СРЦ „Кале“ во Скопје, на 14 ноември, со БиХ. Состав: Анџелика Митрашиновиќ (Тарбес, Франција), Илина Селцова (Пеац, Унгарија), Девона Бонер (Конектикат Сан, САД), Тијана Митрева, Ивона Кожобашиовска (двете од Динамо Сасари, Италија), Марија Димитријевиќ, Александра Стојановска, Нена Трајчевска, Цветанка Димова, Ивана Кметовска, Мартина Блажевска (сите од Бадел 1862), Матеа Николиќ (Канзас Атлетикс, САД), Габриела Модева (Виктори Кристиан центар, САД), Емилија Лазарова, Ивона Пејковска, Драгана Петковска (сите од Вардар), Јована Петрушевска (Дафни Агиос, Грција), Кате Поп-Димитрова (Баскет Кам), Михаела Алексовска (Крива Паланка), Ива Чолаковска (Работнички), Марија Митева (МЗТ Скопје), Снежана Серафимова (Дукејн Дјукс, САД), Елена Тасевска (без клуб), Наталија Секуловска (САД). Г.И.


ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Раниери сака да го надмине Хоџсон

Новиот предводник на Вотфорд, Италијанецот Клаудио Раниери (69), верува дека би можел да го надмине Рој Хоџсон и да стане најстариот менаџер во англиската фудбалска Премиер-лига. Раниери дебито на клупата на Вотфорд ќе го има утре, на мечот со Ливерпул, дома. Хоџсон го напушти Кристал палас во мај годинава, два месеца пред 74-от роденден.
– Зошто да не го надминам? Јас сум млад, не ги чувствувам годините. Фудбалот е мојот живот. Ако се чувствувам добро, ако чувствувам емоции, ако чувствувам дека имам доволно енергија за да им ја пренесам на моите играчи, би сакал да продолжам – изјави за „Би-би-си“ Раниери, кој ја освои Премиер-лигата со Лестер во 2016 година.
Поранешниот селектор на Англија, Хоџсон, чија кариера траеше 45 години, е во истакнатото друштво заедно со Алекс Фергусон, Нил Ворнок и со Боби Робсон, меѓу менаџерите на клубови во Премиер-лигата што продолжија со таа работа и по наполнети 70 години. Вотфорд е четвртиот клуб на Раниери во Премиер-лигата, по Челси, Лестер и Фулам. Л.Д.