ЕФЕКТОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ КОШАРКАРИ ПО ТУРНИРОТ ВО СКОПЈЕ
Мекиќ најефикасен, Вајли најкорисен играч

Крилниот кошаркар Адем Мекиќ беше најекспонираниот играч на македонската сениорска репрезентација на претквалификацискиот турнир во Скопје, преку кој црвено-жолтите за првпат обезбедија пласман во квалификациите за Светското првенство (СП) во 2023 година. Тој одигра 34,5 минути во просек по натпревар, а капитенот Бојан Крстевски е вториот и последен што на теренот помина повеќе од 30 минути (31,6).
Мекиќ е и најефикасен македонски играч во овие средби, со просечни 15 коша по натпревар. Зад него се Џејкоб Вајли (12,5) и Бојан Крстевски (12,3).
Севкупно гледано, пак, највисок индекс на корисност има Американецот со македонски пасош Вајли, во просек со 17 индексни поени, пред Мекиќ со 14 и Бојан Трајковски со 12. Вајли е и нашиот најдобар скокач, во просек по 7,3 скока по натпревар, пред Бојан Крстевски, кој има по 4,8.
Младиот бек Кристијан Николов е најдобриот македонски асистент на турнирот. Тој во просек имаше 4,8 асистенции по меч, Андреј Магдевски една помалку, а Бобан Стајиќ 3,3 додавања.
Како што е познато, Македонија, предводена од новиот селектор Драган Бајиќ, првпат се пласира во квалификациите за Светско првенство (СП) 2023, откако на претквалификацискиот турнир во Скопје, група Ф, го освои првото место, пред Словачка, која исто така се пласира, а отпадна третопласираната Швајцарија. Г.И.


Израел се повлече од турнирот откако двајца членови на репрезентацијата беа позитивни на ковид-19

ОДБОЈКА, МЕМОРИЈАЛ „БРАНКО ХАЏИ ИЉОСКИ-ЧАЈКА“
Македонија убедлива против Црна Гора

Македонија ја совлада Црна Гора со 3-0 во сетови (25-21, 28-26, 25-19) на отворањето на 45. Меморијален одбојкарски турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“, кој се одржува во Скопје, во салата на СЦ „Борис Трајковски“.
Капитенот Никола Ѓорѓиев беше најефикасен во редовите на Македонија, со 16 поени (15 од напад и еден блок), Александар Љафтов забележа 13 (седум од напад, три блока и три аса), Владо Милев 10 (сите од напад), Ристо Николов придонесе со шест (три од напад и три блока), Филип Маџунков пет (сите од акција), а техничарот Ѓорѓи Ѓорѓиев имаше два блока.
Израел се повлече од турнирот откако двајца членови на репрезентацијата беа позитивни на ковид-19. Според протоколите, позитивните лица ќе останат во изолација во Скопје, а поради тоа на меморијалот „Чајка“ ќе се одиграат три наместо шест натпревари.
Македонија денеска треба да игра против Словачка.
За трите репрезентации овие натпревари се во рамките на подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП), кое почнува на 1 септември. Македонија ќе игра во групата Ц, во Тампере, со домаќинот Финска, Русија, Турција, Холандија и Шпанија. Прв противник на Македонија ќе ѝ биде Финска, како и на минатото ЕП 2019 во Љубљана. Четирите најдобри од групата ќе се пласираат во нокаут-фазата, меѓу 16-те најдобри. Л.Д.


ФОРМУЛА 1
Откажана трката во Јапонија

Трката во Формула 1 за Големата награда на Јапонија, која требаше да се одржи на 10 октомври, е откажана поради ковид-19 . Како што се наведува во соопштението на Формула 1, одлуката ја донела Владата на Јапонија поради зголемениот број заразени лица. Формула 1 работи на деталите на сменетиот календар и сѐ ќе биде познато во следните неколку недели.
Како што е веќе познато, и трките во Сингапур, Канада и во Австралија се откажани од истите причини. Оваа трка на многумина им е особено драга, бидејќи популарната патека „Сузука“ е на официјалниот календар на Формула 1 од 1987 година.
– Драги наши љубители на спортот од Јапонија, за жал годинава нема да можеме да се тркаме кај вас. Се гледаме повторно во 2022 година – објавија од Формула 1. Г.И.