Во 33 спорта почнува трката по 5.000 медали од рециклирани метали

На Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (од денеска до 8 август) ќе настапат над 11.000 спортисти од 205 земји во светот, а ќе бидат присутни уште неколку десетици илјади тренери, официјални лица, членови на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), новинари итн.
Во Токио ќе бидат застапени 33 спорта (меѓу кои првпат карате, скејтборд, сурфање и спортско качување), во 339 дисциплини, на 42 борилишта, а ќе бидат поделени околу 5.000 златни, сребрени и бронзени медали. Тие се направени од деловите од 6,2 милиони рециклирани стари телефони, дигитални камери, лаптопи и друго. Победничките подиуми ќе бидат направени од рециклирана пластика извадена од океанот.
Церемонијата на отворањето и на затворањето на ЛОИ 2020, кои првпат во историјата беа одложени, и првпат без публика, ќе се одржат на новиот национален стадион во Токио, кој е со капацитет од 68.000 места и е изграден на местото на стариот олимписки стадион. Маскота за Игрите е „Мираитова“, чие име се базира на јапонските зборови „мираи“, што значи „иднина“, и „това“, што значи „вечност“. „Мираитова“ има „личност“ инспирирана од јапонската поговорка учи од минатото и развивај нови идеи. Л.Д.


Австралија и САД единствени домаќини на ЛОИ со три града

На 138-то собрание на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) одржано во Токио, австралискиот град Бризбејн го доби домаќинството на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2032 година, а Австралија им се придружи на САД како единствени земји во кои ЛОИ се одржале во три града. Во САД домаќини беа Сент Луис (1904), Лос Анџелес (1932 и 1984) и Атланта (1996). Лос Анџелес ќе биде домаќин и на ЛОИ 2028. Првпат ЛОИ во Австралија се одржаа во 1956 година, кога домаќин беше Мелбурн, а потоа домаќин на Игрите беше и Сиднеј, во 2000 година.
Бризбејн го доби домаќинството во конкуренција на неколку други градови, но никој од нив не мораше да помине низ скапиот процес на презентирање на својата кандидатура, бидејќи по првичните разговори со сите заинтересирани, Бризбејн беше прогласен за префериран домаќин. Бризбејн ја доби предноста меѓу членовите на ИОК поради веќе многу богатата спортска инфраструктура и многу објекти изградени во нејзината област што ќе се користат за олимписките натпреварувања, а има и финансиски гаранции. Та.Д.