ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА

Втора голема титула за Колумбиецот Бернал

Колумбискиот велосипедист Еган Бернал (24) триумфира на престижната велосипедска трка Џиро д’Италија. По 21 етапа, тој постигна време од 86 часа 17 минути и 28 секунди. Второто место го освои Италијанецот Дамијано Карузо, со заостанување од една минута и 29 секунди, а трет беше Британецот Симон Јејтс, со послабо време од победникот за четири минути и 29 секунди.
Бернал ја придодаде оваа победа на триумфот на Тур де Франс во 2019 година (следното издание на таа трка е од 26 јуни). Заедно со втората победа на една грантур-трка (во таа категорија трки се Џиро д’Италија, Тур де Франс и Вуелта), тој победи и на две етапи на Џиро д’Италија, а до триумфот на Тур де Франс стигна без победа во поединечна етапа. Г.И.


ФУДБАЛ

Копа Америка остана без домаќини на две недели пред почетокот

Копа Америка, фудбалското првенство на Јужна Америка, остана без домаќин на помалку од две недели пред почетокот, откако домаќинството ѝ беше одземено и на Аргентина. Таа земја првично требаше да биде кодомаќин со Колумбија, на која ѝ беше одземена организацијата на 20 мај, пишува „Би-би-си“. Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) соопшти дека на Аргентина ѝ е одземена организацијата поради „актуелните околности“. Од КОНМЕБОЛ изјавија дека „ја анализираат понудата на други земји“ за домаќин на Копа Америка, што е предвидено да се игра од 13 јуни до 10 јули. Првенството не се одржа лани поради пандемијата на коронавирусот. Бразил треба да ја брани титулата, откако победи во 2019 година.


КОШАРКА

Анадолу Ефес првпат е европски шампион

Кошаркарите на Анадолу Ефес од Турција првпат станаа европски прваци откако во финалето на фајналфор-турнирот на Евролигата во Келн ја совладаа шпанска Барселона, со 86-81 (15-22, 24-14, 26-22, 21-23). Василије Мичиќ од Ефес е прогласен за најкорисен играч (МВП) во финалето, постигнувајќи 25 поени, пет асистенции и по три скока и украдени топки. Тој со тоа стана само петтиот кошаркар во историјата на Евролигата што ги обедини МВП-признанијата од регуларниот дел од сезоната и фајналфорот (претходно Димитрис Дијамантидис, Василис Спанулис, Нандо де Коло и Лука Дончиќ). Третото место го освои Олимпија Милано, која славеше со 83-73 над ЦСКА Москва. Г.И.