ШАХ – ЕВРОПСКО ХИБРИДНО ПРВЕНСТВО
Панчевски поразен во тајбрејкот
Интернационалниот мајстор (ИМ) и член на Алкалоид, Филип Панчевски (2.519 рејтинг-поени, рангиран на 143-то место), не го помина вториот круг на Европското хибридно првенство (ЕП) преку интернет, што, пак, претставува и квалификациско за пласман на Светскиот куп (СК). Тој по победата во првото коло со 1,5-0,5 над романскиот велемајстор (ВМ) Костика-Чипријан Нану (2.514, рангиран на 148-то место), во второто коло загуби од силниот грузиски ВМ Бадур Џобава (2.603, рангиран на 61-то место), со вкупен резултат 1-3, но по дополнителниот тајбрејк од две партии (10 минути плус три секунди по секој потег, по играч). Во регуларниот дел (120 минути, плус 30 секунди по секој потег), Панчевски со бели фигури ја загуби првата стандардна партија, но ја доби втората како „црн“ во 40-от потег, откако по отворената Х-линија спроведе неодбранлив напад. ЕП се игра по нокаут-систем во четири кола, а најдобрите 36 шахисти обезбедуваат настап на СК. Сите шахисти се натпреваруваат од одобрени сали по држава и се следат преку камери од судии. Г.И.
ТЕНИС
Утре почнува Ролан Гарос, првпат и со мечеви под рефлектори
Светскиот тениски рекет број еден Новак Ѓоковиќ, бранителот на титулата Рафаел Надал и Роже Федерер ќе играат во истата половина на ждрепката на вториот гранслем-турнир годинава, Ролан Гарос, кој почнува утре. До 8 јуни е предвидено да има по 5.388 гледачи дневно на трибините, а потоа до финалето на 13 јуни се очекува да има поголем број гледачи на мечевите, пишува „Би-би-си“. Првпат на турнирот ќе има мечеви и навечер, под рефлектори. Првиот носител Ѓоковиќ во првото коло ќе игра со Тенис Сандгрен, а со Федерер би можел да се сретне во четврт-финалето. Прва пречка на Надал ќе биде Алексеј Попирин, а во полуфиналето би можел да се сретне со Ѓоковиќ или со Федерер. Александар Бублик ќе биде првиот противник на вториот носител на турнирот Данил Медведев, четвртиот носител Доминик Тим ќе игра со Пабло Андујар… Првата носителка, Ешли Барти, во првото коло ќе се сретне со Бернарда Пере, втората носителка Наоми Осака со Патриција Марија Тиг, а прва противничка на бранителката на титулата, Ига Свјонтек, ќе ѝ биде Каја Јуван.
ШЕСТИ ТУРНИР НА ШАМПИОНИТЕ
Полуфиналисти се Карлсен, Раџабов, Непомнијашчи и Со
Магнус Карлсен – Тимур Раџабов и Јан Непомнијашчи – Весли Со се полуфиналните двојки на шестиот по ред интернет-турнир во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди по секој потег, по играч) „Крипто-куп“, вреден рекордни 320.000 евра, од вкупната серија на 10 турнири, која ќе заврши во септември годинава. Во четвртфиналните дуели, светскиот првак Карлсен го победи Хикару Нкамура во т.н. тајбрејк со 2-0, Со беше подобар од Максим Вашер Леграв (5-2), Непомнијашчи од Фабијано Каруана (5,5-4,5), а Раџабов од Аниш Гири (4,5-3,5). На турнирот настапија 16 шахисти, а по регуларниот дел, во кој прв беше Каруана со 10 поени од 15 партии, а Карлсен беше шести со 8,5, понатаму се пласираа првите осуммина. На првиот и на третиот турнир славеше Со, на вториот Раџабов, на четвртиот Гири, а на петиот Карлсен и тие обезбедија пласман на финалниот турнир. Г.И.