КОШАРКА – НБА
Шампионот ЛА лејкерс ќе игра со Голден стејт за место во плејофот

Во кошаркарската НБА-лига се познати сите двојки од доигрувањето по конференции, со тоа што некои од екипите ќе мора да го изминат потешкиот пат за да стигнат до плејофот. Во т.н. плејин-група за пласман во плејофот ќе играат меѓу себе седмиот и осмиот тим во конференцијата, подобриот ќе оди во плејофот, а поразениот ќе има уште една шанса, и тоа против подобриот од дуелот помеѓу деветтиот и десеттиот тим. Така, на Западот, победникот од дуелот ЛА Лејкерс – Голден стејт ќе игра во плејофот, а поразениот ќе се сретне со подобриот од дуелот Сан Антонио – Мемфис. На Истокот, пак, Вашингтон ќе игра со Бостон за директен пласман, а поразениот ќе има уште една можност против победникот од дуелот Индијана – Шарлот. Г.И.


Кари најбрзо стигна до 2.000 поени во една сезона

Плејмејкерот на Голден стејт, Стивен Кари, постави нов рекорд во најсилната кошаркарска лига на светот, НБА. Во историјата на НБА-натпреварувањето, тој најбрзо постигна 2.000 коша во една сезона. За тој подвиг му беа потребни 63 натпревари. Пред него, само двајца кошаркари ја достигнаа оваа бројка за помалку од 70 меча, Ворлд Би Фри (сезона 1979/1980) и Џејмс Харден (2019/2020). И двајцата одиграа по 68 меча во тие сезони.
Со тоа Кари им се приклучи на легендарниот Вилт Чембрлен, потоа Рик Бери и Крис Малин, како единствени играчи што имаа повеќе сезони во дресот на Голден стејт со повеќе од 2.000 поени по сезона.
Одличниот плејмејкер сезонава има просек од околу 32 поени по натпревар, 5,8 асистенции и 5,5 скока. Г.И.


АТЛЕТИКА
По една година пауза пак ќе се одржи маратонот во Њујорк

По едногодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот, одлучено е атлетскиот маратон во Њујорк повторно да се одржи. Но овој пат ќе биде ограничен по бројот на натпреварувачи на 33.000, а прецизиран е и датумот – 7 ноември. Ова ќе биде 50-то, јубилејно издание на маратонот во Њујорк, кој е еден од шесте најпопуларни натпреварувања и е на листата на т.н. големи светски маратони (заедно со маратоните во Лондон, Бостон, Берлин, Токио и во Чикаго). Во 2019 година на оваа трка низ целта поминале вкупно рекордни 53.627 натпреварувачи. Г.И.


ТЕНИС
Свјонтек трета што годинава освои трофеј по спасена меч-топка

Полската тенисерка Ига Свјонтек (19) не загуби гејм во финалето на мастерс-турнирот во Рим, но тоа не ја раскажува приказната за нејзината победничка недела. Во третото коло таа спаси меч-топка на дуелот со Барбора Крејчикова и потоа стана третата тенисерка годинава што освоила трофеј на турнир на кој спасила меч-топка (претходно тоа го остварија двете најдобри на ВТА-листата, Ешли Барти во Мајами и Наоми Осака на Австралија опен).
– Беше доста драматично. Покрај тоа што ја освоив титулата и го имам трофејот, најважно за мене е што стекнав толку многу искуство и научив толку многу работи што ќе имаат ефект во иднина. Навистина сум среќна поради тоа. Научив дека можам да бидам константен играч и дека можам да победувам и на мечеви кога не се чувствувам најдобро – изјави Свјонтек, која ја освои својата трета титула во кариерата, а втора сезонава. Та.Д.