Ангел Петрушев / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Kајак – ВИКЕНДОВ НА РЕКАТА ТРЕСКА НА МАТКА
Традицијата продолжува, ќе се одржи ИКАС

На кајак-патеката на реката Треска, на Матка, крај Скопје, викендов ќе се одржи традиционалниот, 53-ти Илинденски кајак-слалом (ИКАС). Лани, поради пандемијата на коронавирусот, првпат по 50 години, 52-от ИКАС не се одржа.
– Годинава, поради отежнатите услови, во преден план ни е манифестацијата да се одржи и традицијата да продолжи. Најавени се околу 40 кајакар(к)и од Србија, БиХ, Турција, Грција и од Македонија, кои в сабота и в недела ќе се натпреваруваат во две дисциплини, во К-1 и во Ц-1, со почитување на сите медицински и безбедносни протоколи, бидејќи здравјето на кајакарите и на сите вклучени во овој настан е најбитно, потоа доаѓа спортскиот дел – вели директорот на трката, Коста Ефремов.
Македонската селекција, составена од 10 кајакари и од две кајакарки, ќе ја предводи победникот на ИКАС од 2019 година, Ангел Петрушев, кој на 15-годишна возраст стана најмладиот победник во историјата на престижната трка.
ИКАС, чие прво издание беше во 1969 година, е втора од ваков вид според долговечност во Европа, по натпреварот во Липтовски Микулаш, во Словачка. Л.Д.


ТЕНИС
Полјакот Хуркач прв на турнирот во Мајами

Полскиот тенисер Хуберт Хуркач го направи најголемиот успех во својата кариера, освојувајќи го Мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Мајами (САД), откако во финалето беше подобар од италијанскиот тинејџер Јаник Синер (19), со 7-6 и 6-4 во сетови.
До својот најголем успех, Хуркач дојде победувајќи ги: Американецот Денис Кудла, Канаѓаните Денис Шаповалов и Милош Раониќ, Гркот Стефанос Циципас, Русинот Андреј Рубљов и Синер.
– Ова беше тежок меч. Имав чувство дека сервисот ми е многу бавен и слаб и тешко ми одеше поентирањето. Сакав да добијам неколку лесни поени, но Јаник има неверојатен прием – изјави Хуркач по победата, додавајќи дека тоа што минатата година неколку месеци тренирал на Флорида му помогнало да се навикне на условите и на теренот, кој тука бил малку побавен.
За Хуркач ова е прва мастерс-титула во кариерата во сингл од серијата 1.000, со што стана првиот Полјак што дошол до овој подвиг. Хуркач има освоено вкупно три титули, од кои две од Мастерс-серијата 250.
Со триумфот во Мајами, Хуркач првпат влезе меѓу првите 20 на АТП-рангирањето, победата ќе му донесе скок од 21. место, односно и пласман на 16-та позиција. Во исто време напредуваше и Синер, кој забележа напредок на АТП-листата од 31-та на 23-та позиција. Та.Д.


АТЛЕТИКА
Рут Чепнгетич постави нов светски рекорд во полумаратон

Кениската атлетичарка Рут Чепнгетич го собори светскиот рекорд на полумаратонската трка, кој се одржа во Истанбул. Патеката долга 21 километар, Чепнгетич ја истрча за еден час, четири минути и две секунди, подобрувајќи го речиси за половина минута претходното најдобро време (1:04.31) што беше во сопственост на Етиопјанката Абабел Јешане, a поставен во февруари 2020 година.
Чепнгетич е сопственик и на светската титула во маратон. Заедно со неа, првпат во историјата, првите три маратонки патеката од 21 км ја истрчаа под еден час и пет минути. Етиопјанката Јалемцерф Јехуалав (1:04.40) беше втора, а трета заврши Кенијката Хелен Обири (1:04.51).
Кај полумаратонците, најбрзи беа Кенијците. Светскиот рекордер Кибивот Канди славеше со нов рекорд на патеката, од 59,35 минути. Та.Д.