КОШАРКА – ВТОРА ЈАДРАНСКА ЛИГА, ДОИГРУВАЊЕ

МЗТ Скопје ќе игра со Младост, а Работнички со Сутјеска

Кошаркарите на МЗТ Скопје со вкупно осум победи и пет порази (21 бод) по регуларниот дел од Втората јадранска лига се на петтото место, со што обезбедија настап во плејофот. Во четвртиот и последен турнир во т.н. „балон“ на Златибор, МЗТ Скопје имаше две победи и еден пораз и во четврт-финалето ќе игра против Младост од Земун (Србија), кој е четврти со ист резултат како и МЗТ Скопје. Првопласиран во овој дел заврши Студентски центар од Подгорица (Црна Гора), со резултат од 12-1. Работнички, пак, со пет победи и осум порази (18 бода, но три меча беа службено загубени, откако поради проблемите со ковид-19 скопјани не отпатуваа на турнирот во Бања Лука) е на 11-то место од вкупно 14 екипи и ќе игра во баражот за опстанок, со Сутјеска од Никшиќ. Г.И.


ОДБОЈКА – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Пехарите за Џио Струмица и за Јанта волеј Кисела Вода

Џио Струмица во машка и Јанта волеј Кисела Вода во женска конкуренција се победници во Купот на Македонија во одбојка. Завршниот турнир се одржа во салата „Парк“ во Струмица. Одбојкарите на Џио Струмица во финалето го совладаа Универзитет во Тетово, со 3-1 (18-25, 25-21, 25-20 и 25-16). За Струмица ова е седми победнички пехар во Купот на Македонија, по претходните победи во 2012, 2014, 2015, 2017, 2018 и 2019 година. Јанта волеј Кисела Вода во петтото финале во Купот на Македонија го освои првиот победнички пехар, победувајќи го Вардар жени 2019 со 3-1 (25-18, 25-23, 20-25 и 26-24). Одбојкарките на Јанта волеј се двократни шампионки на Македонија, во 2017 и во 2019 година. Л.Д.


Трајковски сега е втор стрелец

Александар Трајковски се осами на второто место на листата на стрелците во фудбалската репрезентација на Македонија, со двата гола на мечот со Лихтенштајн, во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2022 година во Катар. Тој сега има вкупно 18 гола. Во водство е Горан Пандев со 36, а на третото место е Ѓорги Христов со 16 погодока.


Одново без примен гол

Македонската фудбалска репрезентација со победата во Скопје, со 5-0, на натпреварот со Лихтенштајн, во второто коло од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2022 година во Катар, го одигра 66-от меч на кој не прими гол. Тоа беше и 15-от натпревар без примен гол во квалификациски натпревар за пласман на светските првенства.