РАКОМЕТ

ЕХФ го смени системот на натпреварување за ЛШ, за ЛЕ останува ист

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја потврди одлуката за промена на форматот на натпреварување сезонава поради проблемите со пандемијата на коронавирусот. Сите екипи што играат во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) во машка и во женска конкуренција ќе играат во осминафиналето. Според новиот формат, првопласираната екипа од групата А ќе игра со осмиот тим од групата Б, вториот со седмиот, шестиот со третиот, односно петтиот со четвртиот. Во Лигата на Европа (ЛЕ) системот нема да се менува и, без разлика на одложени или откажани мечеви, само првопласираните четири тима од групите ќе играат во осминафиналето. Во изминатите две кола одложени беа 17 меча во ЛШ и 13 во ЛЕ во двете конкуренции. Та.Д.


ФУДБАЛ – ЛШ
И мечот Атлетико – Челси на неутрален терен

Осминафиналниот натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ), Атлетико – Челси, е последниот во низата што е преместен и наместо во Мадрид ќе се игра во националната арена во Букурешт, на 23 февруари, потврди Европската фудбалска унија (УЕФА). Промената е направена поради тоа што шпанската влада ја продолжи забраната за летови од Велика Британија, Бразил и од Јужна Африка до 2 март, во обид да се спречи ширењето на новите варијанти на ковид-19.
Претходно беше решено на нови локации да се играат уште два меча во ЛШ, Лајпциг – Ливерпул и Борусија Манхенгладбах – Манчестер сити, двата на арената „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта, на 16, односно на 24 февруари. Промени има и во Лига Европа (ЛЕ). Мечот Сосиедад – Манчестер јунајтед ќе се игра на арената „Алијанц“ на Јувентус во Торино, Бенфика – Арсенал на стадионот „Олимпико“ во Рим, а Молде – Хофенхајм во Вилјареал, на стадионот „Керамика“. Сите натпревари треба да се играат на 18 февруари. Л.Д.


ШАХ – ТРЕТ ТУРНИР НА ШАМПИОНИТЕ
Карлсен по армагедон-партија се пласира во полуфиналето

Весли Со – Тимур Раџабов и Магнус Карлсен – Максим Вашер-Леграв се полуфиналните двојки на третиот од серијатa Турнири на шампионите во забрзан шах преку интернет, со 16 врвни играчи. Во четврт-финалето, во два натпреварувачки дена, Со го помина Јан Кшиштов-Дуда, со 2,5-1,5 и 2-0, Максим Вашер-Леграв беше подобар од Левон Аронијан, со 2,5-1,5 и 2-2, а Раџабов по голема борба го елиминира Аниш Гири, со победата во втората партија со брзо темо, откако резултатот по двата дена беше нерешен (4-4).
Најнеизвесен беше дуелот помеѓу светскиот првак Карлсен и Данил Дубов, кој по двата дена беше еднаков и по двете дополнителни забрзани партии немаше победник, па следуваше т.н. армагедон-партија (белиот има пет минути за размислување, а црниот четири, со тоа што на црниот му одговара и реми за да оди понатаму). Карлсен како прв по прелиминарната фаза ги одбра белите фигури. На претходните вакви интернет-турнири победија Раџабов и Со. Г.И.