ФУДБАЛ
Два гола на Пандев во победата
на Џенова над Наполи
Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев, ги постигна двата гола и беше јунак на натпреварот Џенова – Наполи, 2-1, во меч од италијанската фудбалска Серија А. Милан Бадељ му асистираше на Пандев за првиот гол во 11. минута, а вториот гол Пандев го постигна по центаршутот на Миха Зајц во 26. минута.
Пандев сезонава постигна три гола, плус две асистенции за Џенова, која се искачи на 11-то место на табелата со 24 бода. Кон крајот на декември, по 13 натпревари Џенова беше на претпоследната, 19-та позиција, по што на тренерската позиција се врати Давиде Балардини.
Во тимот на Наполи во стартната постава беше Елиф Елмас, а го немаше тандемот во одбраната, Калиду Кулибали и Фаузи Гулам, кои беа позитивни на коронавирус. По мечевите во саботата Наполи е на петтото место со 37 бода од 20 средби. Л.Д.
Скијачки скокови
Гранеруд ја продолжи доминацијата сезонава
Продолжи доминацијата на Халвор Егнер Гранеруд во Светскиот куп (СК) во скијачки скокови сезонава, откако Норвежанецот ја забележа третата победа во низа, а деветта оваа зима, овој пат на скокалницата во Клингентал (Германија). Зад Гранеруд се пласираа Камил Стох (Полска) и Бор Павловчич (Словенија), за кого тоа беше прв подиум на СК. Гранеруд сега води во СК со 1.306 поени, а го следат Маркус Ајзенбихлер со 917, Стох со 805 поени итн. До крајот на сезоната во Светскиот куп има уште 10 индивидуални натпревари. Од 22 февруари следува и Светското првенство во нордиско скијање, во Оберсдорф (Германија).
ИЗБОР НА КАРАТЕ-ФЕДЕРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА
Павлов, Костовска, Исиќ и Јованоска најдобри сениори за 2020-та
Двократниот европски првак и најсериозен кандидат за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава, Емил Павлов (КК Штип) во машка и Вероника Костовска (Олимпик Спорт 2007) во женска конкуренција во борби и Фери Исиќ (Вардар) во машка и Пулексенија Јованоска (Фунакоши Гичин) во женска конкуренција во кати, се прогласени за најуспешни каратисти во сениорска конкуренција за 2020 година.
Во категоријата до 21 година најуспешни во борби се Роберто Ацковски (Макпетрол) и Верона Ајдини (Форца), а во кати Георги Бановски (Гладијатор) и Теодора Цветкоска (Вардар), кај јуниорите во борби тоа се Бојан Костов (Олимпик Спорт 2007) и Магдалена Божиновска (Олимпик Спорт 2007), а во кати Александар Неделковски (Металург) и Јована Манчевска (Фунакоши Гичин), а кај кадетите во борби се Матеј Белистојаноски (Спорт 94) и Арта Буши (Кеикс) и во кати Давид Спасовски (Фунакоши Гичин) и Мартина Арсовска (Гладијатор). За најдобар младински и сениорски клуб е прогласен Макпетрол, а за најдобар младински и сениорски тренер Бошко Заборски (Макпетрол). Прогласувањето на најдобрите во сите категории од страна на Карате-федерацијата на Македонија се одржа во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Г.И.
Роналдо одново стрелец
Напаѓачот Кристијано Роналдо во петокот наполни 36 години, а во саботата постигна нов гол за Јувентус на дуелот против Рома, 2-0, во натпревар од фудбалската Серија А во Италија. За Роналдо, петкратниот освојувач на „златната топка“, тоа беше 16-ти гол сезонава (на 17 натпревари), вкупно 23-ти на 24 натпревари во сите конкуренции.
– Среќен што постигнав гол и што му помагав на тимот да го победи тешкиот противник. Три важни поени, објави Роналдо на Твитер. Л.Д.