АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Фелер конечно победи и поведе во поредокот во слалом

Упорноста на Австриецот Мануел Фелер (28) конечно се исплати, откако во Флахау ја оствари својата прва победа во Светскиот куп во алпско скијање, во слалом. Фелер беше трет по првото возење, со 25 стотинки зад водечкиот Клемент Ноел од Франција, но со најбрзото време во второто возење скокна на првото место. Ноел го освои второто место, а трет беше неодамнешниот победник во Аделбоден, Марко Шварц од Австрија.
Фелер беше блиску до победа сезонава, со две втори места, во Алта Бадија и во Загреб. Вкупно, тоа беше неговиот шести подиум во слалом во кариерата. По саботната трка, во генерален пласман води Алексис Пинтуро од Франција со 718 бода, пред Александер Килде од Норвешка со 560, Марко Одермат од Швајцарија со 501 итн. Во слалом води Фелер со 301 бод, еден повеќе од Шварц.


Басино сезонава е непоразена во велеслалом

Италијанката Марта Басино продолжи со победите во велеслалом во Светскиот куп (СК) во алпско скијање за жени, откако ја оствари третата победа сезонава во таа дисциплина, во трката во Крањска Гора (Словенија). Второто место го освои Теса Ворли (Франција), што е нејзин најдобар резултат во СК по пауза од две години и трката во Кронплац. Третото место во Крањска Гора го освои Мишел Гисин (Швајцарија), за која тоа беше прв пласман на подиумот во кариерата во велеслалом.
Тоа, исто така, ѝ помогна на Гисин со 635 бода да остане во трката за титулата во генералниот пласман во СК, зад водечката Петра Влхова (Словачка, четврта во Крањска Гора), со 749, и веднаш пред Микаела Шифрин (САД, шеста), со 525 бода.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – КУП НА НАЦИИТЕ
Австрија триумфира во Закопане, но Полска остана лидер

Австриските скијачи скокачи победија на екипното натпреварување во Закопане (Полска). Во возбудлива конкуренција, Даниел Хубер, Филип Ашенвалд, Мајкл Хејбок и Јан Хорл освоија вкупно 991,2 бод и се пласираа пред Полска (982,3 поени) и пред Норвешка (974,8).
Врнежите од снег и променливите ветрови обезбедија тешки услови и исклучително возбудлив натпревар во Закопане, пишува Интернационалната скијачка федерација на својата интернет-страница. Во трката за четвртото место, Словенија за 11 поени беше пред Јапонија, шестото место го освои Германија, а потоа следуваа репрезентациите на Финска и на Швајцарија. Полска остана лидер во вкупниот пласман за Купот на нациите, со 2.748 поени, пред Норвешка, со 2.680, и Германија, со 2.186 поени. Индивидуалниот натпревар во Закопане во рамките на Светскиот куп беше на програмата вчера.


ПРЕД ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРОТ ВО МЕЛБУРН

Во карантин 47 тенисери

Во пресрет на првиот гранслем-турнир Австралија опен, кој треба да почне на 8 февруари, 47 тенисери се во карантин во Мелбурн. Причината за овој карантин е што меѓу тенисерите што со еден чартер-лет пристигнале во Австралија имало позитивни на ковид-19.
На тие 47 тенисери сега не им е дозволено да излегуваат од просториите. За нив нема тренинзи, а по 15 дена изолација, се очекува да стапнат на терените за тренинг. Ова предизвика незадоволство во тенискиот свет, а беше упатено и барање за поместување на турнирот за една недела.
Шефот на турнирот, Крег Тајли, засега не размислува во таа насока, оти верува дека секој знаел каква е постапката ако има позитивен на ковид-19. Во Австралија се очекува да допатуваат околу 1.200 тенисери и членови на нивните тимови. Г.И.


Шведска, Франција и Египет имаат најмногу асистенции

Селекциите на Франција од групата Е, Португалија од групата Ф, Шведска и Египет од групата Г и Словенија, Русија и Белорусија од групата Х се седумте селекции што по две кола обезбедија пласман во главната фаза од натпреварувањето на ракометното Светско првенство (СП) во Египет од групите Е, Ф, Г и Х. Синоќа на програмата беа мечевите од 2. коло во групите А, Б, Ц и Д, по кои ќе бидат познати уште неколку патници во втората фаза.
Тимската игра беше одлика на селекциите на Шведска (40 асистенции), Франција (38) и на Египет (35). Брзината и експлозивноста донесоа резултат во играта на Египет, кој во двата меча истрча 17 контри, а 16 гола реализира од брза транзиција. Брзината и експлозивноста се одлики и на играта на Шведска, (19 контри /12 продори), Португалија (15/15) и Словенија (14/15). Во воведните две кола, Египќаните се издвоија и како концентрирани на теренот, успевајќи од рацете на противникот да украдат 17 топки. Португалците украдоа 14 топки, а Словенците 11.
Централниот бек на Норвешка, Сандер Сагосен, е најефикасниот ракометар по две кола, со 21 гол и 12 асистенции. Та.Д.