Синоќа Македонија го играше вториот меч со БиХ,
а утревечер повторно се среќава со Турција
ОДБОЈКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021
Македонија загуби од Турција
Македонија загуби од Турција со 1-3 (16-25, 25-18, 18-25 и 12-25), во меч од квалификациската група Ц во Скопје за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во одбојка. Синоќа Македонија го играше вториот меч со БиХ. Денеска се среќаваат Турција и БиХ, а утре е последниот меч од групата Ц, Македонија – Турција.
– Добриот сервис на Турција и лошиот прием на Македонија беа пресудни за исходот на овој натпревар. Во вториот сет, кога го подобривме приемот, бевме и поефикасни во нападот. Но потоа не бевме најдобро концентрирани и направиме многу грешки, што е недозволиво. Останува да се обидеме да ја кренеме играта на повисоко ниво на следните два меча, да одиграме подобро и да забележиме подобри резултати – изјави селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.
Најефикасни на натпреварот беа капитенот на македонската репрезентација, Никола Ѓоргиев, и Адис Лагумџија кај Турција, со по 18 поени.
– Бевме за нијанса подобри отколку на првиот меч против БиХ, но недоволно да се направи нешто повеќе против квалитетната Турција. Очекувам да биде подобро на преостанатите два меча во сите сегменти – вели Ѓоргиев.
Најдобрите селекции во седумте квалификациски групи ќе играат на ЕП 2021, како и петте второпласирани со најдобар ефект. Настапот, според пласманот на ЕП 2019, веќе го обезбедија Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија и Белгија, плус земјите домаќини, Полска, Чешка, Естонија и Финска, како и Летонија, како победник на квалификациската група Д. Л.Д.
ХОКЕЈ НА МРАЗ – НХЛ
Шампионот Тампа беј со Стамкос почна со убедлива победа
Бранителот на титулата, тимот на Тампа беј, убедливо со 5-1 славеше на отворањето на новата натпреварувачка сезона во хокеарската лига НХЛ, против Чикаго, а меѓу стрелците се впиша и капитенот, Канаѓанецот со македонско потекло Стивен Стамкос, со еден гол и со две асистенции.
Пандемијата на ковид-19 го принуди раководството на НХЛ-лигата да го смени форматот пред почетокот на новата сезона, па, наместо стандардните 82 кола, ќе се играат 56. Лигашкиот дел од сезоната се планира да се игра до 8 мај, кога треба да почне плејофот со 16 екипи, по четири од секоја дивизија. Привремено, само за сезонава, беше одлучено лигата да се подели во четири дивизии, а сите седум екипи од Канада играат во една дивизија.
Минатата сезона заврши на 28 септември лани, со триумфот на Тампа беј, којa во финалната серија беше подобра од Далас, со 4-2 во победи, иако речиси целиот плејоф поради повреда не го играше најдобриот стрелец на шампионот, Стамкос. Г.И.
ТЕНИС
Мареј може да го пропушти Австралија опен?
Учеството на Енди Мареј на првиот годинашен тениски гранслем-турнир Австралија опен е под знак прашалник, откако тој беше позитивен на коронавирус, објави „Гардијан“. Поранешниот светски рекет број 1 требаше да патува за Австралија со еден од 18-те чартер-лета обезбедени од организаторите на турнирот, но сега тој е дома. Според информациите, Мареј, за кого се вели дека е во добра здравствена состојба, се надева дека ќе може да пристигне во Австралија на подоцнежен датум и да учествува на турнирот, кој треба да почне на 8 февруари.
Тенисерите треба да почнат да пристигнуваат во Австралија деновиве, пред да заминат во двонеделен карантин, за време на кој им е дозволено да излегуваат од своите простории за да тренираат по пет часа на ден, за настап на Австралија опен.