На фудбалски план, Македонија во март на домашен терен ја очекува плејоф-мечот против Косово, во Лигата на нации (ЛН)
Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, 32-ри по ред (24 јули-9 август) и Европското првенство (ЕП) во фудбал, чија завршница ќе се одвива во 12 града и во 12 земји (12 јуни-12 јули), во чест на 60-годишнината од првото одржано во 1960 година во Франција, ќе бидат најголемите спортски манифестации кои ќе ја одбележат годинава.
Но до топлите летни месеци и до почетокот на овие два мега светски спортски настани има редица други, кои исто така привлекуваат голем интерес. Првото поголемо и позначајно натпреварување годинава е Европското првенство (ЕП) во ракомет за мажи, кое ќе се одржува во три земји, во Австрија, Норвешка и во Шведска (9-26 јануари). За љубителите на спортот во Македонија ова првенство е значајно затоа што на него ќе настапи и македонската репрезентација, по шести пат, во групата Б, во Виена, со домаќинот Австрија, Чешка и Украина. Македонија за прв пат настапи во 1998-та година, а на ЕП 2012-та во Србија за малку не освои и медал, беше петта. Сето ова е добра најава пред мечевите на црвено-жолтите во групата во Виена, потоа, веруваме и во следната фаза.
На фудбалски план, Македонија во март на домашен терен ја очекува плејоф-мечот против Косово, во Лигата на нации (ЛН). Победата за Македонија ќе значи нов меч против подобриот од дуелот Грузија – Белорусија, на гости. Новиот триумф, пак, Македонија ја води на завршниот турнир на ЕП, прв историски, меѓу 24-те репрезентации.
Фудбалот годинава ќе има уште едно големо континентално натпреварување, првенството на Јужна Америка, во Аргентина и во Колумбија, во истиот термин како и ЕП, со што за гледачите покрај ТВ-екраните ќе има изобилство фудбал, триесетина дена.
По ракометното ЕП и пред фудбалскиот плејоф, во февруари македонската кошаркарска репрезентација треба да ги започне квалификациските натпревари против Естонија и Русија (во групата е уште Италија) за пласман на ЕП 2021 година. Одбојкарите кои лани дебитираа на ЕП, во мај ги чека првиот настап во Златната лига, а во август квалификациските натпревари на ЕП 2021 година. Фудбалерите во септември ќе ги започнат мечевите во второто издание на ЛН, но овојпат во посилна конкуренција, во Лига Ц.
На почетокот од 2020-та е мечот за шаховската светска титула во женска, а во втората половина од годината и во машка конкуренција. Македонските шахисти во август ќе учествуваат на Олимпијадата во Русија.
Во зимските спортови во тек е 68-то издание на новогодишната турнеја „Четири скокалници“, во февруари е СП во биатлон во Италија, во март се скијачките скокови во Словенија, а во мај е хокејот во Швајцарија.
На најголемиот спортски настан во 2020, на ЛОИ во Токио ќе настапат над 11.000 спортист(к)и во рекорден број спортови, 33. На Игрите се враќаат бејзболот и софтболот, а ќе дебитираат каратето, спортското качување, сурфингот и скејтбордингот. Во рамките на кошарката ќе се одржуваат и натпреварите во „баскет, 3х3“. На овие ЛОИ ќе има и мешовити, машко-женски категории во атлетика, пливање, пинг-понг, стрелаштво, триатлон и џудо.
На околу половина година од почетокот на ЛОИ, само еден македонски спортист има обезбедено олимписка норма. Тоа е натурализираниот македонски борач во слободен стил од дагестанско потекло, Могамедгаџи Нуров (до 97 кг), олимписката норма ја обезбеди на СП во Нур Султан (Казахстан), со освојувањето на бронзениот медал. Последен кому му успеало да обезбеди норма беше кајакарот Атанас Николовски во Пекинг 2008. Квалификациите ќе траат до јуни, а уште македонски спортисти имаат реални шанси да стигнат до посакуваната норма. Меѓу нив се каратистите, двократниот европски првак Емил Павлов (до 67 кг), кој моментно е 26-ти, Берат Јакупи (над 75 кг) на 38 место, како и спортистката на Македонија за 2019 година, каташката Пуликсенија Јованоска, која е 40-то место на олимписката листа. Конкуренцијата е мошне силна, а на ЛОИ ќе настапат по 10 најдобри во секоја тежинска категорија. Тука е и таеквондистот Дејан Геогиевски, носителот на златен медал од ЕП за сениори во Софија во 2017г., кој моментно е 40-ти на олимписката листа.
На клупски план, Македонија не може да се пофали со некакви позначајни успеси , освен во ракометот. Оттаму и пролетва, освен во другите спортови, ќе немаме претставници во некои од европските купови. Летово некои клубови ќе настапат во квалификациските дуели, во фудбалските Лига на шампиони (ЛШ) или Лига Европа (ЛН), но тука некаде и завршуваат нивните европски авантури. С.Р.
Македонските стрелци-параолимпијци ќе пукаат за медал!
На Параолимписките игри (ПОИ) во Токио, кои ќе се одржат непосредно по ЛОИ, (25 август-6 септември), меѓу 4.400 спортисти ќе има и од Македонија. Оливера Наковска-Бикова засега е единствената македонска параолимпијка со исполнета норма за ПОИ во Токио. Тоа ѝ успеа на Светското првенство (СП) во Ченгју (Јужна Кореја), во мај 2018г. во дисциплината воздушен пиштол од 25м, со 570 погодени круга, со што го освои и бронзениот медал.
Реални шанси за настап на ПОИ имаат уште двајца спортисти, исто така во стрелаштво, Ванчо Каранфилов, освојувачот на сребрен медал од ПОИ во Атина 2004 година и Александар Јовановски. За нив претстои уште еден квалификациски натпревар, во Лима, Перу (22-31 мај), на кој ќе се делат три квоти. Покрај Наковска-Бикова и Каранфилов, со златен медал од ПОИ 1992 година во Барселона може да се пофали и Бранимир Јовановски, сега тренер и селектор на македонските стрелци-олимпијци.