Многу љубители на шахот со задоволство се сеќаваат на многубројните шаховски случувања што се одржани во Македонија. Во пресрет на Европскиот клупски куп што од сабота треба да се игра во Струга и на кој треба да настапи актуелниот светски првак Карлсен, во следните неколку дена ќе потсетиме на најголемите шаховски турнири играни во Македонија, на кои настапиле, меѓу другите, Фишер, Карпов, Таљ, Корчној…
НАЈГОЛЕМИ ШАХОВСКИ НАСТАНИ ОДРЖАНИ ВО МАКЕДОНИЈА (1)
Европскиот клупски куп (ЕКК) што треба да се игра во Струга од сабота е нов во низата големи шаховски настани што се одржувале во Македонија. На ова првенство во трката за европската клупска титула засега се пријавени 38 клуба во машка и девет во женска конкуренција, а се очекува да настапи и светскиот првак, Магнус Карлсен, кој ќе игра за норвешкиот клуб Оферспил.
Во следните неколку дена ќе потсетиме на другите големи шаховски турнири одржани во Македонија. Најголемиот спортски настан што воопшто е одржан во Македонија е 20. Шаховска олимпијада (ШО) во машка и 5. во женска конкуренција (во 1972 година) на Скопскиот саем, каде што првпат се обединиле на едно место мажите и жените. Кај мажите учествувале 373 шахисти (35 ВМ и 68 ИМ) од 63 држави. Кај жените настапиле 23 селекции со 69 шахистки. Од 1. коло на преднатпреварите, па до деветтото, биле продадени 33.277 билети или во просек партиите ги следеле по 2.100 гледачи. По 15 кола, кај мажите победил СССР (во состав Карпов, Петросјан, Корчној, Смислов, Таљ, Савон), а и кај дамите прв бил СССР (Гаприндашвили, Кушнир, Левитина). Во рамките на ШО бил организиран и Олимпискиот проблемски турнир, на кој истакнатите македонски проблемисти Бошко Милошески и Златко Михајлоски освоиле златен медал во категоријата „мат во три потези“.
Како одбележување на катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, се одиграле и познатите шест турнири „Средба на солидарноста“. На првиот турнир во 1967 во Скопје, Крушево и во Охрид, настапил и победил Американецот Роберт Фишер (24) со 13,5 поени од можни 17. Најуспешен Македонец бил ИМ Јован Софревски, 11-ти со осум поени. Борче Илиевски, пак, направил голем подвиг ремизирајќи токму со Фишер.
Вториот турнир се одржал во 1968 во Скопје и во Охрид, а славел Унгарецот Лајош Портиш. Во 1969 година во Скопје првото место го поделиле Чехот Властимир Хорт и Србинот Милан Матуловиќ. На четвртиот турнир, во Скопје во 1970 година, победиле Русите Марк Тајманов и Евгени Васјуков. На петтиот, во Скопје, во 1971 година, славел Русинот Лав Полугаевски и на последниот, во 1976 година во Скопје, прв бил Русинот Анатолиј Карпов. Истакнатиот ИМ Димче Илиевски го постигнал најголемиот успех на еден Македонец на овие шест турнири, освојувајќи го 5. место на петтиот турнир. Најмногу учества, пак, (сите шест) имале ИМ Јован Софревски и ИМ Ристо Ничевски.