Американската тенисерка Серена Вилијамс ќе биде подготвена за Ролан Гарос, иако речиси две години се нема натпреварувано на терен со земјена подлога.
Вилијамс по породилното отсуство се врати со настап на турнирите во Индијан Велс и Мајами, но потоа се повлече од мастерсите во Мадрид и Рим.
Нејзиниот тренер Патрик Муратоглу откри дека таа од април постојано тренира во неговата академија.
– Серена ќе игра во Париз со намера да ја освои титулата. Таа може се, а бидејќи со неа работам шест години можам да нагласам дека сум сигурен во тоа тврдење – истакна Муратоглу.
Американската тенисерка последните натпревари на земјена подлога ги одигра во 2016 година, а од јануари 2017 година беше на породилно отсуство .
– Таа прерано се врати и не беше подготвена за натпреварувања. Но, тоа беше добро искуство, бидејќи и помогна да сфати што треба да направи за повторно да биде конкурентна – потенцира Муратоглу.
Серена Вилијамс, која е една од најдобрите тенисерки на сите времиња, досега три пати го има освоено Ролан Гарос.