ОДБОЈКА

Покрај дванаесеттемина од ЕП 2019, националниот дрес сега ќе го носат и Лука Костиќ и Филип Савовски. Македонија од 1 септември ќе игра во групата Ц, со домаќинот Финска, Холандија, Турција, Шпанија и со Русија

Селекторот на македонската машка одбојкарска репрезентација, Душко Николиќ, го соопшти составот на играчите што ќе настапат на 32-то Европско првенство (ЕП) во групата Ц, што ќе се игра во Тампере, Финска, (1-19 септември, ЕП ќе се игра уште и во Полска, Чешка и во Естонија). Составот е без поголеми промени, со само две нови имиња во однос на претходното, дебитантско ЕП за Македонија, во Словенија, во 2019 година. Покрај дванаесеттемина од ЕП 2019, националниот дрес сега ќе го носат и Лука Костиќ и Филип Савовски, а од репрезентација што настапи пред две години ги нема Александар Милков и Иван Андонов.

Македонските одбојкари ќе тренираат во Скопје до сабота, а потоа ќе патуваат во Тампере, каде што од среда до 8 септември ќе се обидат да го подобрат пласманот од ЕП во Љубљана, каде што во групата ги совладаа Белорусија и европскиот вицепрвак Словенија, по што го освоија петтото место во групата и 17-то вкупно на ЕП 2019.

Македонската одбојкарска репрезентација првиот меч на ЕП 2021 ќе го игра против Финска на 1 септември, со која се сретна во првото коло и на минатото Европско првенство.
– Пристапот во Финска ќе биде поинаков, ќе се патува без посебен резултатски притисок, но со изразена желба да се одигра соодветно, а доколку се случи тоа, може и да се надеваме на чекор понапред од 17-то место на нашата континентална премиера. На патот дотаму ни стојат домаќинот Финска, Холандија, Турција, Шпанија и Русија – пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) на својата интернет-страница.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ
А: Белгија, Грција, Полска, Португалија, Србија, Украина
Б: Белорусија, Бугарија, Чешка, Италија, Црна Гора, Словенија
Ц: Македонија, Финска, Холандија, Русија, Шпанија, Турција
Д: Хрватска, Естонија, Франција, Германија, Летонија, Словачка

МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2021
Коректор: Никола Ѓорѓиев (капитен)
Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Деспотовски
Примачи: Александар Љафтов, Владо Милев, Стојан Илиев, Лука Костиќ и Васе Михаилов
Средни блокери: Ристо Николов, Филип Маџунков, Филип Савовски и Славе Наков
Либера: Дарко Ангеловски и Филип Николовски


РАСПОРЕД НА МЕЧЕВИТЕ
Македонија – Финска       1 септември
Македонија – Холандија   3 септември
Македонија – Турција      5 септември
Македонија – Шпанија     6 септември
Македонија – Русија        8 септември


Две нови репрезентации во однос на ЕП 2019

Во однос на претходното Европско првенство (ЕП) во одбојка за мажи, што во 2019 година се играше во Словенија, Холандија, Франција и во Белгија, има само две измени кај учесниците. На минатиот континентален шампионат настапија Романија и Австрија, а сега на нивно место се Хрватска и Летонија. Преостанатите 22 репрезентации што ќе настапат на ЕП 2021 играа и на првенството пред две години.


Во осминафиналето со селекција од групата А

Најдобрите четири одбојкарски репрезентации од сите четири групи на Европското првенство (ЕП) ќе се пласираат во осминафиналето, кое треба да се игра во Полска и во Чешка. Во осминафиналето, селекциите што од групата Ц (во која игра Македонија) ќе се пласираат меѓу 16-те најдобри на континенталното првенство, ќе се сретнат со репрезентации од групата А, во која се Белгија, Грција, Полска, Португалија, Србија и Украина.