Медалистот од Токио на прием во АМС
Се надевам дека во Париз во 2024 година ќе имаме повеќе претставници и повеќе успех. Им посакувам на останатите македонски претставници во Токио многу успех, рече освојувачот на сребрен медал од Токио, таеквондистот Дејан Георгиевски, на денешната прес-конференција во Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Тој и неговите тренери Дарко и Борче Костовски се заблагодарија за големата поддршка која ја добиваат од АМС. Дарко Костовски најави и повеќе успех и медали во таеквондо од следните Летни олимписки игри во Париз во 2024 година.
– Сега сакам кажам дека од Париз ќе донесеме злато, а можеби и повеќе медали од таеквондо-турнирот на следните Игри. Имаме сериозна генерација која може да не однесе до височините – смета Дарко Костовски.
Неговиот брат Борче Костовски нагласи дека постигнатото во Токио ќе биде испишано со златни букви во историјата на македонскиот спорт, зборувајќи за мотивот кој го имале при настапот на Игрите, но и за притисокот што го чувствувале.
– Тоа што го направивме во Токио ќе биде испишано со златни букви во историјата на македонскиот спорт – порача Борче Костовски.
Директорот на АМС, Наумче Мојсовски, пак, истакна дека ќе се заложи боречките спортови во блиска иднина да добијат свој дом и со тоа значително да се подобрат условите. Мојсовски му врачи на Георгиевски фотографија и благодарница за постигнатиот успех.
Централната прослава на успехот на Георгиевски ќе биде на плоштадот „Македонија“ вечерва од 19.30 часот.