Русија со максимален ефект се пласира во четврт-финалето

ИНТЕРНЕТ-ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА

Репрезентацијата на Русија (група Ц), предводена од Алксандар Гришчук и Јан Непомнијашчи, е единствената во т.н. Врвна дивизија, која на Шаховската олимпијада (ШО), која се игра преку интернет, се пласира во четврт-финалето со максимални девет победи (18 поени).
Во групата А, прва заврши Индија (во последното коло ја победи Кина), со осум победи (17 бода) и едно реми (со Монголија), од групата Б прв е Азербејџан (14), а од групата Д селекцијата на САД (15). Поради пандемијата на коронавирусот, редовната ШО е одложена за идната година.
Во оваа фаза вкупно 40 селекции беа поделени во четири групи, а второпласираните и третопласираните репрезентации неделава ќе играат нокаут-мечеви за преостанатите четири места во доигрувањето. Така, Индија ќе игра со победникот од мечот Грција – Ерменија, Азербејџан со подобриот од дуелот Бугарија – Полска, Русија со поуспешниот од средбата Унгарија – Германија и САД со победникот од мечот Кина – Украина. Финалето на програмата е од петок до недела.

Секоја репрезентација се состои од шест натпреварувачи во мешан состав (по три машки и женски) и најмногу шест резерви, со тоа што по еден шахист и шахистка мора да бидат родени во 2000 година или да бидат помлади.
Македонија не се пласира во Врвната дивизија, откако во Дивизијата 2 (група Ц) го освои шестото место, со осум бода (четири победи и пет порази), односно 27 поени по табли (понатаму одеа само првите три селекции).