Двајца индиски шахисти ја изгубија интернет-врската во моментите кога партиите беа со нејасни позиции, па претседателот на ФИДЕ, Дворкович, реши на финалистите Русија и Индија да им додели златни медали
НЕОБИЧНА ЗАВРШНИЦА НА ШАХОВСКАТА ИНТЕРНЕТ-ОЛИМПИЈАДА
Шаховските репрезентации на Русија и на Индија го поделија златниот медал на првата Шаховската олимпијада (25 јули – 30 август) што се играше преку интернет (15 минути, плус пет секунди по секој потег по играч), а се одржа на ваков начин поради актуелната пандемија на коронавирус. Играа 163 репрезентации, со над 1.500 учесници, меѓу кои и Македонија.
Во големото финале играа Русија и Индија. Првиот дуел заврши нерешено 3-3, а во вториот при резултат 2,5-1,5 за Русија, двајца индиски шахисти, Нихал Сарин и Дивија Дешмух, поради губењето на интернет-врската на глобално ниво, не ги доиграа своите партии. Светската шаховска федерација (ФИДЕ) реагираше и донесе одлука со која и двете репрезентации ќе се сметаат за победници.
– На ШО влијаеше глобалниот прекин на интернетот, кој сериозно погоди неколку држави, вклучувајќи ја и Индија. Двајцата индиски шахисти, не по нивна вина, ја изгубија интернет-врската во моментите кога партиите сѐ уште беа со нејасни позиции. Комитетот за жалби ги испита сите докази обезбедени од серверот „Чес.цом“, како и информациите собрани од други извори за овој интернет-прекин. Откако бев информиран за нивните размислувања, во отсуство на едногласна одлука, а земајќи ги предвид овие невидени околности, донесов одлука за доделување златни медали на двете репрезентации – изјави претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.
Претходно во полуфиналето (два меча), Индија беше подобра од Полска со 6,5-6,6 (армагедон) и 4,5-1,5, а Русија од САД со 6,5-5,5 и 3-3.
На ШО секоја репрезентација се состоеше од шест натпреварувачи во мешан состав (по три машки и женски) и најмногу шест резерви, со тоа што по еден шахист и шахистка мора да бидат родени во 2000 година или да бидат помлади. Македонија не се пласира во Врвната дивизија, откако во Дивизијата 2 (група Ц) го освои шестото место, со осум бода (четири победи и пет порази), односно 27 поени по табли (понатаму одеа само првите три селекции).
Резултати прв финален меч: Видит – Непомнијашчи реми, Харикришна – Артемиев реми, Конеру – Лагно реми, Харика – Костењук реми, Прагнанадха – Сарана реми, Дивија – Шувалова реми.
Резултати втор финален меч: Непомнијашчи – Ананд реми, Дубов – Видит реми, Горјачкина – Конеру 1-0, Костењук – Харика реми, Есипенко – Нихал и Шувалова – Дивиа прекинати поради немање интернет-врска, што очигледно претставува и најголем проблем на интернет-шахот.