Вториот годинашен тениски гранслем-турнир, францускиот Ролан Гарос што требаше да се одржи од 24 мај до 7 јуни, ќе се игра помеѓу 20 септември и 4 октомври поради пандемијата на коронавирусот. Тоа значи дека турнирот ќе почне само една недела по завршувањето на гранслемот САД опен во Њујорк.
Целиот професионален тенис низ светот во моментов е суспендиран најрано до 20 април. Француската тениска федерација соопшти дека овој потег е направен „за да се гарантираат здравјето и безбедноста на сите што се вклучени во подготовките на турнирот“.
– Бидејќи никој не може да предвиди каква ќе биде состојбата на 18 мај, кога треба да почнат квалификациите, сегашните мерки ги прават невозможни подготовките и тешко е да се испочитуваат првично планираните датуми – велат организаторите. Тениската асоцијација на САД (УСТА) соопшти дека не ја исклучува можноста да го презакаже гранслем-турнирот во Њујорк за подоцна, откако францускиот Ролан Гарос од мај беше преместен за септември. Од УСТА, кои ја критикуваа едностраната одлука на француската тениска федерација за преместување на датумите на Ролан Гарос, велат дека ги проценуваат сите опции за распоредот на турнирот во Њујорк што треба да почне на 31 август.
– Во време кога светот се зближува, таква одлука не треба да се носи еднострано. Затоа ќе дејствуваме во целосна консултација со преостанатите организатори на гранслем-турнирите, со АТП, ВТА, ИТФ и другите наши партнери – ја пренесе „Би-би-си“ изјавата од УСТА.
.