Луис Хамилтон ја забележа рекордната шеста победа на својата домашна трка во Силверстоун, откако успеа да го помине освојувачот на пол-позицијата, колегата од Мерцедес, Валтери Ботас, додека зад него имаше драматичен судир на Себастијан Фетел (Ферари) и Макс Ферстапен (Ред бул), за кој Германецот беше казнет.
Хамилтон со шестата победа во Силверстоун станува рекордер на патеката, бидејќи досега беше израмнет со пет победи со Французинот Алан Прост и Британецот Џим Кларк.
Трката беше одлучена во 21-от круг, кога на патеката излезе безбедносното возило по излетувањето на возачот на Алфа Ромео, Антонио Џовинаци. Хамилтон, кој беше во водство откако претходно Ботас влезе во боксот, заедно со Фетел и Ферстапен „грабна“ слободно влегување во боксот и остана пред Финецот до крајот на трката.