ФОРМУЛА 1 – МИК ШУМАХЕР
Многу сум среќен што го носам тоа презиме и многу сум среќен и горд што го вратив тоа име во Формула 1. За мене тоа е поттик и секој ден ми дава мотивација, изјави Мик, синот на Михаел Шумахер, седумкратниот првак во Формула 1
Тоа што презимето Шумахер сезонава се враќа во Формула 1 повеќе ќе ми биде гордост отколку притисок, рече синот на Михаел Шумахер, Мик, а пренесе „Ројтерс“, пред почетокот на новата сезона.
Младиот Германец (21), чиј татко освои седум светски шампионати, од кои пет со италијанскиот тим Ферари, ќе дебитира во Формула 1 со Хас на трката во Бахреин, на 28 март.
– Многу сум среќен што го носам тоа презиме и многу сум среќен и горд што го вратив тоа име во Формула 1. За мене тоа е поттик и секој ден ми дава мотивација – изјави Мик за новинарите во видеопрезентацијата на Хас.
Хас минатата година освои само три бода и заврши деветти од 10-те екипи. Тие повеќе се фокусирани на следната година, кога ќе се сменат правилата. Младиот Шумахер рече дека на секоја трка ќе се залага максимално, со едноставна цел да ги подобри своите перформанси и да го даде најдоброто од себе.
Поради ограничувања за патување и карантините, поради пандемијата на ковид-19, една од пречките со кои се соочија Мик и неговиот тим беше поставувањето на фабричкото седиште во неговиот болид.
– Не беше лесно. Патувањето во Англија беше многу ограничено. Имавме план, а потоа правилата се сменија, па морав во десетдневна самоизолација, за потоа да можам да бидам со тимот ден и половина – појасни Мик, додавајќи дека поставувањето на седиштето почнало во осум часот, а завршило во 22.30 часот, но дека вредело.
– Одлично е, седиштето секогаш е многу посебно. Сигурен сум дека добив одлично седиште – додаде наследникот на Шумахер, пренесе „Ројтерс“.