Во полуфиналето ќе играат Карлсен – Вашер-Лаграв и Аронијан – Лирен, по две партии прво во класичен и во забрзан шах, а потоа и четири во брз шах
Светскиот шаховски првак Норвежанецот Магнус Карлсен (2.872 рејтинг-поени) игра со Французинот Максим Вашер-Лаграв (2.780), а Кинезот Динг Лирен (2.801) со Ерменецот Левон Аронијан (2.775), во полуфиналето на завршниот турнир од годинашната серија гран-турнири, што почна вчера во Лондон, вреден 350.000 долари (победникот ќе добие 150.000).
Предвидено е да се играат две партии во класичен шах (вчера и денеска), а утре две партии со забрзано темпо (двапати по 25 минути, плус 10 секунди по секој потег) и четири партии со брзо темпо на размислување (двапати по пет минути, плус три секунди по секој потег). Четврток е слободен ден, а потоа со ист распоред на партии следува големото финале. Класичните партии носат шест поени за победа, а три за реми, забрзаните четири поени за победа и два за реми, а брзите два поена за победа и еден за реми.
Карлсен, кој по серијата седум турнири заврши убедливо прв со 67,5 бода, се смета за голем фаворит, но нема да биде изненадување ако и Лирен, кој заврши втор со 43,8, триумфира, имајќи предвид дека во брзо темпо беше двапати подобар на последниот турнир во Колката, а беше поуспешен со истото темпо и во тајбрејкот во Синквилд (САД). Секогаш стандардниот Аронијан (37,5 бода) ќе води голема борба со Вашер-Лаграв (36,8 бода). Турнирите од гран-серијата годинава се играа во Брегот на Слоновата Коска (победи Карлсен), Париз (Вашер-Лаграв), Сент Луис (Аронијан), Букурешт (Аронијан), Колката (Карлсен), сите со забрзано и брзо темпо, како и во Загреб (Карлсен) и Синквилд (Лирен) со класично темпо на игра. Лани славеше Американецот Хикару Накамура, но годинава е деветти (27,5 бода).