На Првенството на Македонија за млади во шест возрасни категории играат вкупно 90 учесници, што е за 27 повеќе од лани (18 повеќе во машка и девет во женска конкуренција). Летово следуваат повеќе поединечни и екипни првенства, а во септември Македонија третпат ќе биде домаќин на ЕКК, откако првенството за европски клупски прваци ќе се игра во Охрид

Со натпреварите на Поединечното шаховско првенство за млади во категориите до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години во машка и во женска конкуренција, (19-25 јуни) во Струга, и официјално е отворена сезоната на шаховски настани што ќе следуваат во текот на летото, а ќе кулминираат со Европскиот клупски куп (ЕКК) во септември.
На Првенството на Македонија за млади, годинава во шест возрасни категории ќе настапат вкупно 90 учесници од девет клуба, од кои 66 во машка и 24 во женска конкуренција, што е за 27 повеќе од лани или 18 повеќе кај момчињата и девет кај девојчињата.
Така, кај момчињата до осум години учествуваат девет (лани седум), до 10 години девет (седум), до 12 години вкупно 12 (10), до 14 години 10 (осум), до 16 години 15 (девет), до 18 години 11 (7). Кај девојчињата, пак, во категориите до осум години ќе играат три шахистки (лани категориите 8 и 10 години беа споени, а настапија четири шахистки), до 10 години пет, до 12 години шест (четири), до 14 години шест (пет), до 16 години три (лани немаше учеснички) и до 18 години, една шахистка, Леа Евтовска, која веќе ја има загарантирано титулата и ќе игра во конкуренција со момчињата до 18 години (лани имаше две учеснички во категоријата шахистки до 18 години).
Според постојниот календар на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), по ова државно првенство следуваат Екипното првенство Втора лига мажи и за жени во Охрид (3-9 јули), Отвореното првенство на Македонија во Струга (24-31 јули), Прва лига мажи (во Струга) и жени (во Охрид), Прва лига екипно (25-31 август), Првенство за млади, екипно (10-12 октомври), како и Аматерското сениорско првенство на Македонија (16-24 октомври). Новитет е Втората лига за жени, екипно. Во меѓувреме (17-24 септември), Македонија третпат ќе биде домаќин на ЕКК, а првенството за европски клупски прваци вторпат ќе се игра во Охрид, во машка и во женска конкуренција.


КАЛЕНДАР НА НАТПРЕВАРИ

  • Екипно првенство Втора лига мажи и за жени во Охрид (3-9 јули)
  • Отворено првенство на Македонија во Струга (24-31 јули)
  • Прва лига мажи (Струга) и жени (Охрид), 25-31 август
  • Првенство за млади, екипно (10-12 октомври) не е одредено местото
  • Европски клупски куп (ЕКК) во Охрид (17-24 септември)
  • Аматерско сениорско првенство на Македонија (16-24 октомври)