Оваа трка, прва по пауза од три и повеќе месеци поради пандемијата на коронавирусот, се одржа со посебни протоколи за лична и колективна заштита и на неа настапија 270 натпреварувач(к)и
Адријана Поп Арсовa (37,15 минути) и Дарио Ивановски (30,57 минути) се победници на хронометарската атлетска трка на 10 км на кејот на реката Вардар во Скопје. Во ветеранската категорија првото место (10-то во генерален пласман) со време од 36,13 минути го освои Игор Јакимовски, тренерот на Поп Арсова и на Ивановски.
Оваа трка, прва по пауза од три и повеќе месеци поради пандемијата на коронавирусот, се одржа со посебни протоколи за лична и колективна заштита и на неа настапија 270 натпреварувач(к)и.
– Презадоволен сум од мојот настап и од постигнатиот резултат. Конечно можев да го реализирам она за што напорно тренирам. За мене ова е и мотив повеќе за реализација на следната голема цел, освојување медал на Балканијадата во Клуж, Романија во септември – изјави Ивановски за кого тоа беше трет најдобар резултат во кариерата на 10 км на пат.
Трката мина во најдобар ред, во секој поглед, на задоволството на учесниците и на организаторите, АК Работнички и на Сојузот на спортови на Град Скопје.
– Задоволен сум бидејќи се покажа дека и во вакви несекојдневни услови може успешно да се организира еден ваков настан. Летово планираме да се одржат уште две вакви трки, во јули во Охрид на 5 км, потоа уште една во Скопје во август, на 10 км. Се разбира иеализацијата на плановите ќе зависи и од актуелната ситуација со коронавирусот – вели Кире Синадиновски, еден од организаторите.