Осмиот учесник на Турнирот на кандидати, кој со вајлд-карта ќе настапи во Екатеринбург, најверојатно ќе биде Русинот Кирил Алексенко
Рускиот шаховски велемајстор (ВМ) Јан Непомнијашчи триумфира на последниот гранпри-турнир во Ерусалим (играа 16 шахисти по пат на елиминација), откако во финалето го совлада Кинезот Веи Ји, со 1,5-0,5, со што последен се квалификува на Турнирот за кандидатите во 2020 година (15 март-5 април), за предизвикувач на светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, во Екатеринбург (Русија).
На турнирот треба да настапат осум шахисти и ќе играат двокружно, за да се добие противникот на Карлсен. Непомнијашчи во целата гран-серија турнири заврши на второто место (19 бода), зад Русинот Александар Гришчук (20), a трет беше Французинот Максим Вашер-Лаграв (16 бода) од вкупно 24 учесници. Гришчук не настапи на турнирот во Ерусалим, откако претходно го обезбеди првото место во гран-серијата, а со тоа и настапот на Турнирот на кандидати.
– Ова е многу голем момент во мојата играчка кариера. Се чувствувам уморно на крајот од годината, но веројатно нема да има многу одмор оти ќе треба да се подготвам за Турнирот на кандидатите. На тој турнир треба да играм подобро отколку тука, ако сакам да имам успех. Имам добро искуство играјќи на гран-турнирите, каде што настапуваат најсилните – изјави Непомнијашчи.
На Турнирот на кандидатите ќе игра Американецот Фабијано Каруана како последен предизвикувач на светскиот првак Карлсен. Азербејџанецот Тимур Раџабов и Кинезот Динг Лирен на Турнирот се најдоа со првото, односно со второто место на Светскиот куп (СК). Кинезот Хао Ванг учеството го обезбеди со победата на квалификацискиот турнир во Швајцарија. Русите Гришчук и Непомнијашчи се пласираа со првото, односно второто место на гран-серијата за 2019 година. Холанѓанецот Аниш Гири ќе игра за можен предизвикувач како шахист со најдобар просечен годишен рејтинг (со најмалку 30 одиграни партии или 18 во последните шест месеци).
Осмото место на Турнирот на кандидати е за еден шахист со т.н. вајлд-карта, а кој исполнува еден од трите услови за пласман (висок пласман на СК, Гранд Швајцарија или Гран-серијата.). Иако уште не е дефинирано, сепак, се очекува тоа да биде Русинот Кирил Алексенко (беше трет на Турнирот во Швајцарија).
УЧЕСНИЦИ НА ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИ
Каруана (САД) 2.822 2
Лирен (Кина) 2.801 3
Гришчук (Русија) 2.777 5
Гири (Холандија) 2.769 8
Непонијашчи (Русија) 2.767 9
Раџабов (Азербејџан) 2.765 10
Ванг (Кина) 2.756 16
шахист со вајлд-карта ? ?
во првата колона е рејтингот,
а во втората пласманот на листата на ФИДЕ
Карлсен засега е поуспешен од сите претенденти
Магнус Карлсен има поуспешен играчки скор против сите претенденти што ќе се обидат да му ја одземат светската шаховска круна в година. Така, тој со Каруана одиграл 74 партии (23 победи, 39 ремија и 12 порази), со Лирен 57 (20-29-8), со Гришчук 33 (12-14-7), со Гири 51 (20-26-5), со Непонијашчи 22 (8-12-2), со Раџабов 37 (14-20-3), со Ванг 9 (4-4-1). Само со Алексенко (ако настапи со вајлд-карта) има само една партија (реми). Карлсен вкупно со сите одиграл 283 партии и има 101 победа, 144 ремија и 38 порази.
Каруана 23 39 12
Лирен 20 29 8
Гришчук 12 14 7
Гири 20 26 5
Непомнијашчи 8 12 2
Раџабов 14 20 3
Ванг 4 4 1
колоните се победи, ремија, порази