ИЛИНДЕНСКИ КАЈАК-СЛАЛОМ, ИКАС 2021

Ангел Петрушев (17), член на ККК Вардар од Велес, ја одбрани титулата победник во дисциплината кајак, на 52. меѓународен Илинденски кајак-слалом, ИКАС 2021, што се одржа викендов на реката Треска во СРЦ „Матка“. Тој беше најмлад победник (со 15 години) во историјата на ова натпреварување во 2019 година. Лани ИКАС не се одржа поради пандемијата на ковид-19.

Во финалната трка, тој постигна вкупно време од 93,77 секунди без казнен бод, втор беше Србинот Марко Ѓорѓевиќ (101,01). Во женска конкуренција прва е Србинката Зељана Цингелиќ (370,64), а втора Македонката Олгица Мелова од клубот Просек од Демир Капија (427,03). Во дисциплината кану (мажи), триумфира Србинот Павле Здравковиќ (119,90), пред Гркот Панајотис Зисекас (124,46).
За 52. меѓународен Илинденски кајак-слалом, пријавени беа триесетина натпреварувачи од Македонија, Србија, БиХ, Италија, Грција и од Бугарија.