Ниту еден спортист досега не освоил златни олимписки медали во трки во базен и на отворена вода на едни ЛОИ, а тој во Токио ќе се натпреварува на 800 метри (актуелен светски шампион), 1.500 м (актуелен олимписки првак) и на 10 км (минатата недела стана европски првак)
Олимпискиот шампион Грегорио Палтриниери од Италија сака да се запише во историјата на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (Јапонија) годинава, насочувајќи се кон златните медали и во трките во базен и на отворено, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на својата интернет-страница. Тој плива 18 километри дневно за да се подготви за предизвикот.
Палтриниери стана првиот Италијанец со освоен златен олимписки медал на 1.500 метри слободен стил на Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година, по што веднаш реши да си постави уште поголем предизвик за Летните олимписки игри во Токио.
– Штом го допрев ѕидот на целта на трката во Рио, мојот ум се префрли од базенот во пливање на отворено. Базенот веќе не беше доволен. Отворената вода е нешто ново и нешто возбудливо. Мислам дека е како трка во Формула 1 – вели 26-годишникот, кој неодамна освои злато во трките на 5.000, 10.000 метри и мешани штафети на Европското првенство во водни спортови во Будимпешта.
Палтриниери ќе се натпреварува во три трки на ЛОИ 2020, и тоа на 800 метри (тој е актуелен светски шампион, а оваа дисциплина се враќа на Летните олимписки игри првпат од 1904 година), на 1.500 м во базен и во маратонот на 10 км на отворено. Ако освои три злата во Јапонија, тој ќе го надмине и италијанскиот рекорд од две олимписки титули во пливање поставени на ЛОИ во Сиднеј во 2000 година од Доменико Фиораванти, пишува ИОК.
Ниту еден спортист досега не освоил златни олимписки медали во трки во базен и на отворена вода на едни ЛОИ.