Тој е единствениот во историјата на тенисот кому му успеало да настапи на седум ОИ во низа, почнувајќи од Барселона 1992, па до Рио де Жанеиро 2016 година
Индискиот тенисер Леандер Паес ја игра својата 20-та сезона на АТП-турнирите! Тој планираше да ја заврши кариерата годинава, но пандемијата на коронавирусот, сепак, влијаеше тој да се премисли. Искусниот тенисер имаше намера да се збогува по Олимписките игри (ОИ) во Токио, но откако тие се одложени за 2021 година и тој го одложи своето пензионирање. Паес, кој наполни 47 години, има цел осми пат да биде дел од ОИ.
Тој е единствениот во историјата на тенисот кому му успеало да настапи на седум ОИ во низа, почнувајќи од Барселона 1992, па до Рио де Жанеиро 2016 година.
– Олимписките игри се најголемиот предизвик за мене, затоа и ја сменив одлуката за моето повлекување. Задоволен сум што индиско име ќе остане запишано во тениската историја, но исто така би сакал да влезам во историјата и со 100 настапи во главната ждрепка на гранслем-турнирите. Засега имам 97 – задоволно за „Хиндустан тајмс“ изјави Паес, кој е роден во Колката во 1973 година.
Сепак, тој не е оптимист дека професионалниот тенис ќе се игра до крајот на годината, па дури и почетокот на 2021 година е доведен во сериозна опасност, пред сѐ поради рестриктивните мерки за патувањето, иако тенисот, како што вели тој, би требало прв од спортовите да се врати, оти нема контакт меѓу играчите. Пандемијата на коронавирусот, сепак, си го направи своето.
Професионалец од 1991 година
Поранешниот број 1 во игра на двојки Леандер Паес професионално игра тенис од 1991 година и досега победил на 54 турнири во двојки и еднаш поединечно, освоил осум гранслем-трофеи во двојки и 10 во мешани двојки. На врвот АТП-листата во игра на двојки се искачил во јуни 1999 година и останал 39 недели. Има и олимписка бронза (поединечно) на ЛОИ во Атланта во 1996 година, како и пет златни медали во игра на двојки на Азиските игри.