Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио со пригодни прослави утре ќе го одбележат почетокот на едногодишното одбројување до почетокот на одложените Игри, кои и понатаму се под превезот на неизвесноста, многу повеќе отколку пред една година. Тогаш, на 24 јули лани, претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, претседаваше со блескавата церемонија во јапонската престолнина и го прогласи Токио за најдобро подготвен град домаќин што досега го видел, пишува „Ројтерс“.
Дури и пред шест месеци организаторите уште беа убедени дека нивната огромна финансиска инвестиција ќе донесе незаборавни Игри. Сепак, само два месеца подоцна, повеќегодишните планови речиси беа уништени, бидејќи пандемијата на ковид-19 ги принуди ИОК и јапонската влада да донесат ретка одлука за одложување на Игрите за една година. Од одложувањето што се случи кон крајот на март беа обезбедени сите 42 олимписки борилишта (стадиони, сали и друго) и најавен е новиот распоред на натпреварите. Церемонијата на отворањето на Игрите е закажана за 23 јули 2021 година.

Сепак, и покрај сето тоа, остануваат прашања речиси за секој организациски аспект на, како што го нарекува Бах, „најсложениот настан на планетата“. Шефот на Координативната комисија на ИОК, Џон Коутс, рече дека одложувањето на Игрите значи фокусирање на „тоа што мора“ за поедноставениот настан. Како одговор на тоа, главниот извршен директор на Токио 2020, Тоширо Муто, рече дека се разгледуваат над 200 мерки за поедноставување на Игрите.
Она што допрва треба да се одлучи е колку ќе ги чини јапонските даночни обврзници презакажувањето на Игрите. ИОК соопшти дека нивниот удел во трошоците ќе изнесува околу 800 милиони долари. Дополнителното зголемување на трошоците како да ја оддалечува јавноста, пишува „Ројтерс“. Неодамнешната анкета што ја спроведе „Кјодо њуз“ покажа дека помалку од еден од четворица анкетирани биле за одржување на Игрите в година. Една третина смета дека ЛОИ треба повторно да се одложат, што Бах го отфрла како опција, а уште една третина смета оти Игрите треба да бидат целосно откажани.

Покрај трошоците, три главни теми доминираат во секој разговор за презакажаните Игри. Тоа е безбедноста на спортистите, гледачите и на спонзорите. Организаторите соопштија дека ќе бидат направени сите напори 11.000 спортисти да допатуваат безбедно во Токио и да се натпреваруваат во најдобри можни услови. Но, како што посочува еден експерт, тешко е да се очекува такво нешто без откривање и глобална дистрибуција на вакцина против ковид-19. Истото важи и за желбата да се има илјадници гледачи на стадионите. Губењето на приходите од билетите ќе биде голем удар врз организаторите и тоа ќе се влоши доколку не може да се задржи рекордниот број спонзори за Игрите, пишува „Ројтерс“. 


Богоевски: Се надевам и посакувам следната година да се одржат Игрите во Токио

Главниот, решавачки и последен збор за одржувањето или откажувањето на Игрите во Токио го имаат Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и организаторите, Јапонците. Ние како еден од помалите национални комитети, па и оние од поголемите земји, немаме некој поголем удел во донесување на покрупните одлуки. Јасно е дека во моментов најголемиот проблем е пандемијата на ковид-19 и од натамошниот развој на ситуацијата ќе зависи и одржувањето на голем број меѓународни шампионати и претквалификациски олимписки турнири. Мислам дека последна опција е откажување на Игрите, Јапонците сигурно ќе сторат сѐ работите со коронавирусот, во каков било облик, да ги држат под контрола. Веќе има некои најави и за наоѓање вакцина и се надевам и посакувам следната година да се одржат Игрите во Токио. МОК со помош на ИОК го продолжува стипендирањето на македонските олимписки кандидати, вели спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски. 


Михајлов: Некои живеат за олимпијадите

Сметајќи дека корона-кризата брзо ќе помине, со не толку голема церемонија беше запален и пренесен олимпискиот факел во Јапонија, каде што за неколку дена требаше да почнат ЛОИ. Но прекуноќ работите се сменија и ЛОИ беа одложени за идната година. Многумина помислија дека тоа ќе биде и нивниот крај. Сепак, оптимизмот се врати кога и во најзагрозените европски земји од коронавирусот, иако без публика, но со симулација како трибините да се полни со гледачи, фудбалските првенства продолжија и завршија. Значи, со определени превентивни мерки и протоколи, спортот и понатаму ќе живее. Затоа, мислам дека ЛОИ ќе се одржуваат и нема шанса да згаснат. Можеби ќе бидат малку оштетени со преземање некои поригорозни превентивни мерки за редуцирање на бројот на гледачите, но искрено мислам дека нив ќе ги има. Голема штета ќе биде ако нивното одржување биде без присуство на гледачи. Тоа, како што неодамна изјави и првиот човек на светскиот олимпизам Томас Бах, ќе биде вистинска катастрофа. На тој начин олимпијадите ќе ги загубат вистинската вредност и светлина со кои зрачат, зашто, верувале или не, илјадници луѓе во светот ги подредуваат дури својот живот и буџет, скратувајќи средства и за многу посуптилни работи, само да се најдат покрај олимписката арена, вели доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов, кој известувал од 15 зимски и летни олимписки игри.


Милковски: Би било навистина штета да се откажат, тоа е најлошото нешто за спортистите

Откажувањето на Игрите во Токио следната година е последното нешто што го посакувам, но ако ситуацијата со коронавирусот не се стави под контрола и ако не биде безбедно за спортистите и доколку таква одлука донесат Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и организаторите на Игрите, Јапонците, тогаш ќе мора да се прифати тоа. Проблемот со каратето е што е спорт со блиски контакти, и во прашање е здравјето на каратистите во ваквата ситуација, проблем се патувањата, здравствените протоколи и слично. Во моментов се суспендирани сите меѓународни натпреварувања и турнири, откажано е и Светското првенство во Дубаи во ноември, што значи дека годинашната сезона е завршена. За следната ќе видиме, сѐ ќе зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата понатаму. Би било навистина штета Игрите да се откажат, тоа е најлошото нешто за спортистите, во случајот за македонското карате, кое има тројца потенцијални олимпијци што живеат и тренираат за настап на еден ваков голем настан. Како и да е, сите сме во очекување што ќе се случува во наредниот период и какви одлуки ќе бидат донесени, вели Горан Милковски, претседател на Карате-федерацијата на Македонија. 


Јовановски: Здравјето пред сѐ, потоа спортот и сѐ друго

Следам сѐ што се случува во врска со одложените Летни олимписки (ЛОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) во Токио, читав за некои анкети во Јапонија и некако ми изгледа како полека да нѐ подготвуваат за откажување на тие манифестации. Според мене, Игрите и не треба да се одржат ако не биде безбедно за сите учесници, од спортистите, тренерите, официјалните лица, па до волонтерите. Значи, здравјето пред сѐ, потоа спортот и сѐ друго. Од спортски аспект, пак, сум за тоа тие настани да се одржат, спортистите да се борат за медалите. Откажувањето на Игрите е најлошата солуција за спортистите, бидејќи повеќето од нив работат во четиригодишни циклуси, ја темпираат формата токму за најголемиот спортски настан на планетата, живеат за него. Мислам дека ако ковид-19 се стави под контрола или се најде вакцина ќе биде во ред. Инаку тешко е да зборуваме за безбедна ситуација од здравствен агол ако, на пример, во олимпиското село имате 11.000 спортисти. Како ќе ги одделите еден од друг да бидат на дистанца? Ми се чини и дека спортската 2020 година е загубена, и ако набргу ситуацијата не се подобри колку-толку, ако нема меѓународни натпреварувања, ако нема патувања, и останат разните забрани, не знам како воопшто следната година ќе се изорганизираат двете големи спортски манифестации, вели Бранимир Јовановски, златниот македонски параолимпиец во стрелаштво од Барселона во 1992 година, сега тренер на македонските стрелци параолимпијци.