Македонија речиси постојано од ЕП се враќала со медали, па убеден сум дека така ќе биде и во Баку, со што само ќе го продолжиме континуитетот успешни настапи на големите натпреварувања, вели селекторот во борби Арсовски
Македонската сениорска репрезентација, со вкупно 12 каратисти во борби (пет во женска и седум во машка конкуренција), ќе настапи на Европското првенство (ЕП) во Баку, Азербејџан (25-29 март). Селекторот на сениорската репрезентација во борби, Сашко Арсовски, ги одреди за настап Емил Павлов (категорија до 60 кг), Фаик Фесели (до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), Жарко Арсовски (над 84 кг). Доан Османи и Петар Спасеновски се пријавени во екипниот состав (5+2). Од овој состав, во оваа конкуренција досега со медали од ЕП се закитиле Павлов (по двапати со злато и бронза) и Јакупи (со едно сребро). Во борби жени, на ЕП ќе учествуваат Сара Радичевска (до 50 кг), Симона Заборска (до 55 кг), Вероника Костовска (до 61 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг), Моника Стефановска (над 68 кг). Жените екипно ќе настапат во состав 4+1.
– Сметам дека во моментов ова се најдобрите и најподготвени каратисти што можат да го дадат максимумот на ЕП. Македонија речиси постојано од ЕП се враќала со медали, па убеден сум дека така ќе биде и во Баку, со што само ќе го продолжиме коинтинуитетот успешни настапи на големите натпреварувања. Составот е хомоген, така што не би можел да прецизирам кој има најголеми шанси за медал, но секако дека очекувам успех и на ова ЕП. Подготовките заеднички ќе се одвиваат секој викенд во Штип, а завршните, пред заминувањето за Баку, ќе бидат на татамите во Пехчево или во Штип – вели Арсовски.
Во кати, селекторот Стојан Андриевски се одлучи за Пуликсенија Јованоска и дебитантот на сениорско ЕП Александар Неделковски. Во екипна конкуренција ќе настапат каратистките на Ронин, Маријана Димоска, Мишела Димоска и Кирјана Камческа.