Во март треба да заминеме на заеднички подготовки, ама уште не е одлучено како и дали ќе ги организираме. Од втората половина на март, пак, би почнале со интензивни подготовки до заминувањето за Токио. План има, a реализацијата генерално ќе зависи од ситуацијата и мерките што во конкретниот момент ќе бидат во сила, вели селекторот на параолимписката репрезентација на Македонија, Бранимир Јовановски, кој најави дека во мај треба да има квалификации за ПОИ, за кои засега норма има само Оливера Наковска-Бикова
БРАНИМИР ЈОВАНОВСКИ, СЕЛЕКТОР НА ПАРАОЛИМПИСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
Со оглед на тоа дека не се одржа квалификацискиот Светски куп во Лима лани, ние како комитет уште сме на една исполнета квота, а тоа е Оливера Наковска-Бикова за настап на Параолимписките игри во Токио (од 24 август до 5 септември – н.з.). Од 11 до 20 мај треба да се одржи тој настан во Перу, на кој треба да настапат наши спортисти, па да се надеваме дека ќе одиме и дека ќе постигнеме успех, но, сепак, сѐ ќе зависи од мерките за заштита од ковид-19, вели селекторот на параолимписката репрезентација на Македонија, Бранимир Јовановски, олимписки првак во 1992 година во Барселона, во стрелаштво.
Според Јовановски, некои од турнирите се откажани, а некои интензивно се подготвуваат да се одржат и покрај актуелната ситуација со ковид-19.
– Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Интернационалниот параолимписки комитет (ИПК) и организаторите на Токио 2020 најпосветено се подготвуваат да ги одржат и Олимписките и Параолимписките игри годинава во закажаните термини. Издадоа многу соопштенија, прирачници, безбедносни мерки, кои ќе ги дополнуваат постојано, до конечната верзија во јуни. Годинава некои од организаторите на натпреварите ги откажаа за идната година, а други интензивно работат на одржување. Имаме покани, но условите се специфични. Во случај за време на престојот кај некој од екипата да се појават симптоми и да се утврди ковид-19, тој и сите што биле во близок контакт одат најмалку во десетдневна изолација, на сопствен трошок, односно на трошок на сопствениот комитет – вели Јовановски.
И покрај актуелната состојба, индивидуалните тренинзи во домашни услови на потенцијалните кандидати за ПОИ не биле прекинати.
– Оливера и другите спортисти во периодот зад нас и деновиве се подготвуваат во домашни услови на т.н. СКАТ-симулатори. Ми ги испраќаат тренинзите на анализа, повремено ги посетувам или со некој од нив одржувам индивидуални тренинзи, практикувајќи ги сите протоколи и строги мерки на претпазливост. Во март треба да заминеме на заеднички подготовки, ама уште не е одлучено како и дали ќе ги организираме. Од втората половина на март, пак, би почнале со интензивни подготовки до заминувањето за Токио. План има, a реализацијата генерално ќе зависи од ситуацијата и мерките што во конкретниот момент ќе бидат во сила.
Мислам дека Игрите годинава ќе бидат одржани со строги мерки и ограничено движење на учесниците, што подразбира движење само во Олимпиското село и во борилиштето, без посета на туристички места, ресторани и слично, со тестови секои четири дена, со задолжително носење маски, освен за време на јадење, спиење, тренинг и меч. Ќе бидат тоа чудни игри, ама подобро такви, отколку никакви. Да се надеваме дека ќе нѐ следат добро здравје и спортска среќа – вели Јовановски.