ХОКЕЈ НА МРАЗ

Американско-канадската национална хокеарска лига (НХЛ) и Асоцијацијата на играчи постигнаа консензус за продолжување на сезоната на 1 август, по прекинот што се случи на 12 март, поради пандемијата на коронавирусот.
Според договорот, официјалните тренинзи ќе почнат денеска и ќе траат до 26 јули, кога тимовите (вкупно 24) ќе пристигнат во Торонто и во Едмонтон, каде што треба да се играат завршните плејоф-натпревари од Источната (Торонто) и од Западната конференција (Едмонтон), без публика. Конференциските финалиња и завршницата на Стенли-купот ќе се играат во Едмонтон. Планирано е новиот шампион да биде познат до првата недела на октомври.

Во однос на здравјето и безбедноста во продолжението од сезоната на НХЛ-лигата, има 47 страници со протоколи што ги утврдуваат договорените мерки и упатства. Некои од новите правила вклучуваат секој тим да биде ограничен на 30 хокеари и на неограничен број голмани за тренинзите, а на списокот може да има вкупно 31 играч. Секој тим е ограничен на бројката од 52 лица по натпревар и, покрај играчите, мора да вклучува двајца тренери, лекар итн.